Таравари: Починатата пациентка со Ковид-19 е третирана на Клиниката за хематологија по сите протоколи и по сите правилници

Министерот за здравство Арбен Таравари вели дека починатата пациентка, за која во јавноста излегоа информации оти не била примена на интензивна нега на Инфективна, била со акутна леукемија и е третирана на Клиниката за хематологија „по сите протоколи и по сите правилници како што треба пациентот да се третира со такви болести“.

Прашан дали ќе се спроведи истрага за жената која не била хоспитализирана на Инфективна, бидејќи се реновирала, како и тоа каде се праќаат пациентите на кои потребен им е респиратор, а имаат коронавирус, Таравари вели дека „треба дефинитивно да знаеме од што починала пациентката“ и побара време за да се „добијат конкретни информации од надлежните“.

– Се работи за случај со акутна леукемија. Јас денеска добив податоци од Клиниката за хематологија. Тоа е сериозна болест што е малигна, за што обично има лоша прогноза. Пациентката е третирана на Клиниката за хематологија по сите протоколи и по сите правилници како што треба пациентот да се третира со такви болести. Пациентката е некаде на 48 или 47-годишна, не сум сигурен, меѓутоа тука е возраста, во петта декада од животот. Во меѓувреме, инфицирана е со сарс ков два, што е веќе нормално и го преживуваме и го поминуваме скоро сите ние, кои го поминавме во периодот на пандемијата, веќе тоа е нормална инфекција. Во меѓувреме, за пациенката е повикан и консултиран и анестезиолог и инфектолог и дадени се предлози за терапија, меѓутоа ни треба дефинитивно да знаеме од што починала пациентката, подвлече Таравари, кој денеска беше во посета на просториите на Црвениот крст во Скопје.

Тој побара време за да се добијат конкретни информации од надлежните.

– Знам дека тие денови, овие последни три – четири дена, ако не се лажам, добила повторно терапија што обично е тежок период за пациентите по добиена терапија кај акутна леукемија. Така што, дајте да добиеме дефинитивни податоци, меѓутоа нема лекарска грешка. За тоа гарантирам дека пациентката е третирана по сите протоколи, гарантирам дека е даден целиот потребен третман и тоа е сигурно. Сега, дека треба да реновираме одредени одделенија и треба да реновираме. Сега наскоро ќе започнеме со регулирање на компресорските станици, набргу планираме Анестезиологија во Клинички центар, планираме хируршките сали да ги реновираме. Во меѓувреме се реновира и интензивна нега во Инфективна. Треба и ние да работиме и да ги направиме условите подобри за нашите пациенти. Меѓутоа, во едно сум сигурен дека причината за смрт кај пациентката, не е дека не работеле интензивна нега на Инфективна клиника, додаде министерот.

Како што посочи тој, интензивно лекување имало скоро на сите клиники, ако не и на сите, овозможуваат, додаде министерот, специјални услови за третман на пациентите.

– Никогаш не се случило некој пациент да не се третира и кога се реновираат одредени институции, а ние мораме да реновираме и ќе продолжиме и понатаму, нагласи Таравари, појаснувајќи дека одредени услови во некои клиники не се добри, па мора да се преземат чекори за нивно подобрување, во интерес на пациентите.

Според министерот, респиратор има скоро на сите клиники.

– Јас побарав веќе писмен извештај и од Клиниката за хематологија и од Клиниката за инфективни болести за да дознаам за што точно се работи. Јас колку што знам, пациентката била хоспитализирана и не верувам дека основната причина е дека немало респиратор, одговори тој на новинарско прашање.

Од СДСМ, преку соопштение, вчера алармираа за проблем со приемот на пациенти со Ковид-19, на кои им е потребен респиратор на интензивна нега во Инфективна и ги повикаа директорите на Карил и Инфективна клиника да одоговорат.

– Откако утрово СДСМ алармираше дека има проблем со приемот на Ковид-пациенти, на кои им е потребен респиратор на интезивна нега во Инфекстивната клиника, веќе попладнево, за жал, имаме смртен случај. Пациентка која од утрово била во лоша состојба, прво не била примена на интензивна нега во Инфективната клиника, а не била примена ниту на Карил, по што, починала. Ова е скандал за што мора да има одговорност, се наведува во синоќешното соопштение на партијата.

- Реклама -