Ташев: Политиката на Пендаровски се доближува до таа на Путин, тоа ги покажува топлите врски меѓу Москва и Скопје

„Во Северна Македонија во тек е системска дебугаризација. Таму бугарските семејства се растурени и без Бугарија да застане зад овие луѓе не можеме да очекуваме тие да го предводат тој процес на пријателство меѓу државите“, изјави бугарскиот историчар Спас Ташев во гостување во „Тази сутрин“ на бугарската „bTV“. Сите останати држави обезбедуваат поддршка за нивните малцинства во Македонија, а само Бугарија стои на страна и очекува проблемите да се решат сами од себе, оцени Ташев.

Според него, протестите во Битола против отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ биле „добро организирана акција“.

„Ми изгледа дека е однапред смислена. Но, кога имаме една таква контролирана држава, нормално е да се провоцираат такви настани“, рече Ташев за, според бТВ, „навредливите транспаренти“ со кои беше пречекана бугарската делегација во Битола.

Прочитајте и:  Николоски: Ако сработиме добро со Франција, дипломатски тешкаш за едно попладне во Софија би го решил проблемот

„Настанот беше од мало значење, но ако судиме по медиумскиот ефект, тоа е една од медиумските провокации во нашите билатерални односи“, додаде тој.

Историчарот го критикуваше и македонскиот претседател Стево Пендаровски, за неговата реакција во која порача дека именување на културни центри според докажани соработници на Хитлеровиот нацистички режим не се во интерес на добрососедството. Тој отиде дотаму што политиката на Пендаровски ја спореди со таа на рускиот претседател Владимир Путин.

„Политиката на Стево Пендаровски се доближува до таа на Владимир Путин. Тоа ги покажува тие топли врски меѓу Москва и Скопје“, рече Ташев.

Тој порача дека Скопје треба да се реформира во европска насока и дека „скандал како тој во Битола“ (алудирајќи на протестите и реакциите во јавноста) сериозно би одекнал во ЕУ.

- Реклама -