Летниот распоред на летови од два македонски аеродроми, под управата на ТАВ Македонија, започнува овој викенд — на недела, 29 март. Со него се воведуваат десет нови дестинации, вклучувајќи нови авиолинии од Меѓународниот аеродром Скопје: Неапол, Будимпешта, Палермо, Алгеро, Трабзон и Самсун, како и четири нови линии од аеродромот Св. Апостол Павле Охрид – Милано, Виена, Вроцлав и Катовице.
„Воведувањето на овие десет нови авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид претставува важен чекор напред кон проширување на мрежата на дестинации. Ова ќе ја подобри поврзаноста на нашата земја со атрактивни градови, отворајќи нови можности за туристички патувања за нашите ценети патници. Исто така, очекуваме дека овие нови линии ќе придонесат за дојдовниот туризам, привлекувајќи странски посетители во Македонија преку двата аеродроми. Сезоната започнува со новата линија Милано – Охрид на 29 март, а на 30 март новите летови од Скопје до Неапол ќе ги свртиме во редовна работа, додека летовите до Будимпешта повторно ќе бидат достапни. Уверен сум дека новите дестинации ќе предизвикаат голем интерес и ќе помогнат во одржување на двоцифрениот пораст на патничкиот сообраќај што го бележиме од почетокот на 2026 година на двата аеродрома“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.
На 29 март, Визер ќе ја воведе новата линија Милано – Охрид, а на 30 март ќе стартува летот од Скопје до Неапол. Исто така, редовната линија од Скопје до Будимпешта ќе биде во функција. Од 2 и 3 јуни, Анадолија Џет ќе ја поврзе Скопје со Трабзон и Самсун, додека на 15 и 18 јули, Визер ќе воведе нови линии до Палермо (Сицилија) и Алгеро (Сардинија).
Во летниот распоред за 2026 година, кој започнува кон крајот на март и завршува на крајот на октомври, 15 авиокомпании ќе летаат до 54 дестинации од Меѓународниот аеродром Скопје. Ова вклучува редовни летови цела година и сезонски летови. Паралелно, 7 авиокомпании ќе понудат летови до 24 чартер дестинации, што вкупно прави 78 дестинации од главниот град.
Од аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, во летниот распоред, 8 авиокомпании ќе летаат до 17 дестинации, од кои 14 се редовни целогодишни и сезонски дестинации, а три се чартер-летови.
Покрај воведувањето на новата линија од Охрид до Милано, во јуни Визер ќе започне летови од Вроцлав и Катовице до Охрид. Од 17 мај, Аустрија Ерлајнс ќе воведе летови од Охрид до Виена, а на 17 март, Визер веќе започна летови од Охрид до Братислава.
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, членка на групацијата ADP, заврши првите два месеца од 2026 година со 539.474 патници на Меѓународниот Аеродром Скопје и на аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. Ова е зголемување од 31% во однос на истиот период во 2025 година, додека бројот на летови (3.766) порасна за 14%.




