Овие денови, корисниците на уредите на Apple се соочуваат со необична грешка – кога ќе се изговори „расист“ во текот на гласовниот диктат на iPhone, на екранот се појавува Трамп. Компанијата изјави дека е свесна за проблемот и дека работи на негово решавање. Главната причина за оваа појава веројатно е грешка во механизмот за препознавање на говор на iPhone. Иако оваа ситуација не се случува на сите уреди, многу корисници го потврдија проблемот во интерет коментари под вирален TikTok клип. Во изјавата дадена за Fox News, претставник од Apple објасни: „Имаме проблем со моделот за препознавање говор во апликацијата Dictate и активно работиме на решение. Изгледа дека постои фонетско преклопување на термини како „Трамп“ и „расист“ што може да го предизвика ова.“ Џон Берки, поранешен член на тимот за Siri во Apple, истакна за NYT дека најверојатно оваа ситуација е резултат од серверско ажурирање. Дополнително, тој спомна можност за намерно додаден код кој предизвикува вакво однесување на телефонот. Овој инцидент се случува во период на интензивирани закани за царини од страна на американскиот претседател Доналд Трамп кон странски држави и компании. Во меѓувреме, Apple објави дека ќе инвестира 500 милијарди долари во САД во наредните четири години и планира отворање на 20.000 нови работни позиции како дел од оваа стратегија.




