Телефонски разговор меѓу Заев и Борисов: „Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на РСМ“

Премиерот Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов вчера оствариле телефонски разговор и зборувале на повеќе теми од областа на соработката меѓу двете земји, соопшти владината прес-служба.

Во фокусот на разговорот бил Берлинскиот процес и заедничкото успешно претседавање кое, како што се истакнува во соопштението, е особено важно за зајакнување на регионалната соработка и интеграција на регионот во ЕУ. Се зборувало и за подготовките за претстојниот главен самит кој ќе се одржи во текот на ноември во Софија.

Борисов и Заев разговарале и за заедничката соработка во заштитата од пандемискиот вирус КОВИД-19, особено имајќи ги предвид искуствата на Бугарија во обезбедувањето заштитна опрема за стручниот персонал и за граѓаните.

Прочитајте и:  Бојко Борисов ја повлече кандидатурата за премиер на Бугарија: Не сакам веќе да се занимавам со оваа уништена држава

Двајцата премиери, во свое и во име на двете држави и граѓаните, ја истакнале и определбата за целосно искористување на можностите кои постојат за унапредување на економската соработка.

Заев и Борисов дискутирале и за организација на скорешна посета на премиерот Заев на Република Бугарија, како и за заедничко охрабрување на работата на историските комисии за изнаоѓање заеднички решенија прифатливи за двете страни.

Премиерот Борисов истакна дека Бугарија останува доследна во поддршката на европската иднина на Северна Македонија, при што заедно со премиерот Заев изразија увереност дека двете страни остануваат ангажирани во спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

- Реклама -