Телефонски разговор Османи – Липавски: Чешка е подготвена за брз старт на преговорите по одобрување на европскиот предлог

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска остварил телефонски разговор со неговиот чешки колега Јан Липавски. Како што информира МНР, во разговорот била изразена поддршката за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграцијата.

Османи, притоа, го уверил Липавски дека членството во Европската Унија е врвен државен интерес и првенствен надворешно-политички приоритет на земјава.

Соговорниците размениле и мислења за потребата од брза и динамизирана реализација на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, со цел обезбедување стабилност, отпорност и развој на регионот на Западен Балкан во сегашниот несигурен геополитички контекст.

Липавски ја потенцирал подготвеноста за брзо организирање на првата Меѓувладина конференција, откако Северна Македонија ќе го одобри европскиот предлог, велат од МНР.

Прочитајте и:  ЈСП доби шест еколошки автобуси, донација од Европската унија

„Двајцата соговорници ги повторија клучните аспекти од компромисниот предлог, што ја води земјава поблиску до Европската Унија, земајќи ги предвид и нашите интереси во смисла на чиста формулација на македонскиот јазик, изостанување на историските прашања во преговарачката рамка и отпочнувањето на пристапните преговори веднаш“, се наведува во соопштението.

- Реклама -