Централното греење во Обединетото Кралство е значителен извор на емисии на стакленички гасови, претставувајќи речиси една третина. За да ги постигне целите за намалување на овие емисии, „Scottish Gas Networks“ (SNG), организација одговорна за гасната дистрибуција и мрежите во Шкотска, јужна Англија и Лондон, предлага замена на природниот гас со водород, произведен од обновливи енергетски извори на Балканот. Во 2020 година, SNG иницираше пилот-проект „H100 Fife“ во Бакхавен и Денбиг на источниот брег во Фајф, Шкотска. Овој проект има за цел да го испита водородот како алтернатива на природниот гас во греењето и готвењето дома. SNG воспостави прва мрежа од 8,4 километри водород во светот и изгради погони за производство на водород преку електролиза, која се напојува со електрична енергија од блиската ветроелектрана. Постојат и уреди за складирање водород за непрекинато снабдување. Околу 300 домаќинства во населените места Бакхавен и Денбиг ќе преминат на водородна енергија, користејќи водородни котли и шпорети, зa кои компанијата тврди дека нема да преставуваат значителна промена во начинот на греење и готвење. За поддршка и информирање на жителите, SNG изгради три демонстративни куќи. Џон Свини, првиот министер на Шкотска, ги отвори овие иновативни домови во февруари. Тој истакна дека проектот „H100 Fife“ е доказ за амбицијата за нула емисии во Шкотска и е клучен за пронаоѓање иновативни решенија против климатските промени. Учество во проектот им е овозможено на граѓаните кои аплицирале, а исто така можат да ги посетат домовите и да се запознаат со водородни бојлери и шпорети од компании како „Baxi“, „Worcester Bosch“ и „Bosch Home Appliances“, кои ќе бидат имплементирани оваа година. Покрај тоа, „SGN“ започна партнерство со Фајф Колеџот за да отвори центар за обука околу водородот, каде што инженерите ќе се обучуваат за инсталирање водородни апарати и поврзување на домовите со водородна мрежа. Оваа пилот фаза е предвидено да трае до 2027 година и, ако е успешна, има потенцијал да биде модел за декарбонизација на греењето во Обединетото Кралство и пошироко. Сајмон Килонбак, извршниот директор на „SGN“, изјави дека целта на „H100 Fife“ оди подалеку од само тестирање на водород за домашно греење, проектирајќи да придонесе за развојот на цела водородна економија.
И покрај големите надежи за зелениот водород, реализацијата на вакви проекти е предизвик. Европската унија има планови за зголемување на увозот и производство на водород на 10 милиони тони до 2030 година. Сепак, во моментов потрошувачката на водород во Европа сочинува само 2% од енергетскиот микс, а 99,7% од употребениот водород е произведен од фосилни извори. Само 22.000 тони се направени преку електролиза со обновливи извори на енергија. Загриженоста за трошоците и ефикасноста на водородот за домаќинствата останува висока, бидејќи транспортот и складирањето на водород бараат значителни инфраструктурни инвестиции. Водородната енергија се покажува како поскапа и помалку ефикасна во споредба со други технологии како топлинските пумпи, барајќи дополнителни проучувања и подобрувања за да достигне практична примена на обемот што се посакува.




