Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, денеска го посетил ТЦ „Мавровка“ да провери како се одвива и до каде е рушењето на дивоградбата на Мевлудин Алити, а попат веројатно и да собере понекој политички поен.
Како што може да се види од фотографиите што ги објави порталот на албански јазик „Тетова сот“, Груби поразговарал со работниците на терен, почнувајќи од супервизорите, па до багеристите.
Ова, се сеќава јавноста, не е прв случај функционери на ДУИ да одат во „инспекција“. Посетата на Груби на „Мавровка“ несомено враќа спомени на времињата кога неговиот сопартиец Бујар Османи го надгледуваше спроведувањето на Законот за јазици и проверуваше дали таблите на институциите се двојазични, а неколку недели подоцна замина и во контрола на европските пари од ИПА-фондовите, односно да провери до каде е изградбата на царинскиот терминал на граничниот премин со Албанија – Ќафасан во Струга.