Американскиот интернационалец Џастин Гордон е првото засилување во ТФТ

Американскиот интернационалец Џастин Гордон е првото засилување во редовите на македонскиот кошаркарски вицепрвак ТФТ.

Гордон, кој може да игра на позиции 3 и 4, доаѓа со богат досие, настапувајќи во 10 различни земји. Неговото искуство вклучува игри во Аргентина, Австралија, Германија, Велика Британија, Шведска и во многу други европски лиги.

Во ланската сезона, играјќи за словачката Нитра, постигнуваше просек од 14.2 поени и 5.2 скока по натпревар.

ТФТ потпиша едногодишен договор со него и веќе активно се подготвува за враќањето во ABA 2 лигата, а во плановите е и учество во друго меѓународно натпреварување. Неофицијално, тимот од скопската населба Тафталиџе ќе се претстави и во ФИБА Еврокупот.