Throttle/Brake – епизода 42: Детроит и феноменалната Kia

На Запад, поточно во Детроит, ништо ново. Од далечниот Исток, нешто навистина интересно. 

Северно-американскиот саем за автомобили во Детроит, е првото големо автомобилско случување за оваа календарска година. Бидејќи саемот се случува на американска почва, нормално е повеќето автомобили да се наменети токму за американскиот пазар. Во центарот на вниманието беше Ford со моделот GT, за кој повторно не беа објавени конкретни бројки, и најавата за легендарниот  Ford Bronco, кој како сериски автомобил би требало да се појави во 2020 година. Audi претстави концепт на луксузен SUV, со ознака Q8, кој би требало да биде конкуренција на Bentley Bentayga. Mercedes-Benz го претстави освежениот GLA, додека од Lexus се пофалија со целосно новиот хај-тек знаменосец, LS. Но, според многумина, а и според мене, најголемото изненадување на саемот во Детроит, се наоѓаше на штандот на Kia!

Audi Q8
Освежениот Mercedes-Benz AMG GLA 45.
Lexus LS.

Дами и господа, Kia Stinger GT.

Секси, спортско купе со четири врати и 365 коњски сили. Звучи како опис на некое BMW или Mercedes. Компанијата од Јужна Кореја врти нова страница во своето работење. Од производство на мали евтини автомобили и чудни SUV, во Детроит покажаа автомобил кој ќе биде директна конкуренција на BMW серија 4 Gran Coupe, Audi A5 Sportback и M3/M4. Бидејќи нас не интересираат автомобилите со подобри спецификации, денес ќе зборуваме за конкурентот на M4, Stinger GT. 

Во 2011 година, на саемот за автомобили во Женева , беше прикажан концепт автомобилот Kia GT, дизајниран од Питер Шрејер. Потоа во 2014 година, токму во Детроит, се појави Kia Stinger GT4, но никогаш, ни на крај памет не помислував дека еден ден овој автомобил ќе биде сериски, и ќе има рационални перформанси и цена!? 

Kia GT Concept и Kia Stinger GT.

За дизајнот на автомобилот, ќе кажам само, БРАВО. Од Kia, полни со гордост велат дека нивниот најдобар автомобил кој, патем, е тјуниран во автомобилската Мека, Нурбургринг, е Gran Turismo, а не супер спортски седан. Исто така, тие се убедени дека Kia Stinger GT ќе ги импресионира дури и најпребирливите автомобилски ентузијасти. Гледајќи ги перформансите, си велам, зошто да не!?

За да ги победам предрасудите, и да ве натерам да се заљубите во “оваа” Kia, ќе нурнам во деталите. 

Како ниеден друг конкурентен автомобил, Stinger GT има меѓуоскино растојание од 2,90 метри. Тоа е повеќе од на пример Audi A4, A5 и Lexus GS350, што значи многу повеќе простор во задниот дел на автомобилот, односно поголема и поудобна задна клупа. Можеби најважното нешто што треба да се каже за овој автомобил, е дека по цена на BMW серија 3, не M3, добивате GT автомобил. 

Kia Stinger GT е вистински спортист. Автомобил на кој е посветено многу време при процесот на создавање и билдање на тој Gran Turismo дух. Инженерите и професионалните возачи од Kia, на патеката Нурбургринг, разменувале информации за тоа како автомобилот се однесува во свиоците, колку е стабилен при големи брзини, како се однесува во негативен радиус, дали е претежок и многу други ситни детали кои прават еден GT автомобил да биде различен. Особено е ставен акцент на распоредувањето на масата и позиционирање на моторот и менувачот накај средината на автомобилот со цел центарот на  гравитација да биде што пониско, и да се добие распоред силите и масата 50:50. Stinger GT е создаден на платформата од роднините K900 (Hyundai/Genesis), но со една разлика. Тоа е таканаречената “кутија” во која е сместен и вграден агрегатот. Оваа “кутија” кај Stinger GT, за разлика од роднините, е потесна, помала во предниот дел, и полесна со што е подобрена дистрибуцијата на маса. Иако сите тие отвори на хаубата се нефункционални, шминка, во предниот дел на овој автомобил се случува нешто интересно. Се создава еден вид воздушна завеса која создава турбуленции во делот кај тркалата, и на тој начин колку-толку ја подобрува аеродинамиката. Уште една, хај тек функција кај Stinger е “пловечката хауба”, која е скапа и ја има само кај премиум автомобилите. Оваа функција ја лично ја сметам како подарок од Kia. Огромен багажен прстор и багажник кој се отвара како кај хечбек автомобилите е навистина кул.

Една од најважните работи е користењето на префинети материјали. Практично, сите материјали кои се користени за концепт автомобилот GT, за внатрешноста и надворешниот дел, се користени и во Stinger. Дали знаевте дека поранешниот шеф на “M” дивизијата од BMW, Алберт Биерман ги има ставени своите раце на Stinger GT? Не случајно упорно го споредувам овој автомобил со автомобилите на BMW. 

Конечно стигнавме до моторот и перформансите. Срцето кое го оживува овој прекрасен автомобил е твин турбо,  3.3 литарски V6 (Hyundai Genesis G90) со 365 коњски сили и влечна сила од 510 Nm, кои ви се на располагање од 1300 вртежи во минута. До стотка забрзува за помалку од 5 секунди, а достигнува максимални 270 километри на час. За запирањето се грижат Brembo вентилирачки сопирачки, кои се вградени во 19 инчни тркала, облечени во Michelin спортски пневматици. За првпат кај еден Kia автомобил е вградена адаптивна суспензија и пет различни опции за возење: Eco, Sport, Comfort, Smart и Personal. 

Сеуште имате предрасуди? Затворете ги очите и замислете го овој автомобил со сета своја убавина и можности со беџ од некој друг бренд, на пример Audi или Lexus. Што мислите? За крај, верувале или не, Kia Stinger GT со 365 коњски сили ќе чини околу 35 илјади евра! 

https://youtu.be/dcNkDJDftZU

https://youtu.be/XKEHn-pLucw

https://youtu.be/zbxujmnmxYg

Пишува: Брацо Моралиќ
- Реклама -