Се сеќавате на легендарниот BMW M1 Procar од осумдесетите со 470 коњски сили? Благодарение на технолошкиот напредок, M4 GTS е побрз од M1 Procar. Кога зборуваме за овој автомобил, се е околу бројките и нормално, што повеќе од нив да запаметите. Но кои се оние најважните? Бројката која ја опишува ексклузивноста на M4 GTS или во превод, само 700 примероци ќе бидат произведени. Цената е 142.000 евра, или 40.000 евра повеќе од “стандардниот” M4. Што е со моќноста? 500 коњски сили и 600 Nm, односно 75 коњски сили повеќе од M4. Брзината? Од место до стотка, M4 GTS забрзува за 3,7 секунди, а максималната брзина која ја достигнува е 305 километри на час. Ја нема повеќе глупавата електронска блокада на 250 километри на час. Но која е најважната бројка? Најважната бројка поврзана со M4 GTS е 7:27.88.
Дали знаете што е заедничко за Porsche Carrera GT, Mclaren MP4-12C и Ferrari 458 Italia? На патеката Нурбургринг Нордшлаифе, сите три гореспоменати супер автомобили се побавни од BMW M4 GTS. Неверојатно, но вистинито. Но, M4 GTS не е супер автомобил. Тогаш како е можно да е побрз од овие три супер спорстки автомобили? Како?
Ајде да почнеме од моторот, кој е истиот како кај M4, 3.0 литарски, твин турбо со шест цилиндри во линија, но има водено вбризгување. Да, добро читате, вода. За што точно се работи? Ладна вода, сместена во посебен резервоар во багажникот, при повеќе од 5000 вртежи во минута работа на моторот, под силен притисок преку три вбризгувачи влегува во цилиндрите, инстантно се претвора во пареа, која го лади компресираниот воздух кој доаѓа од турбо полначите во цилиндрите за време на експолозијата (експлозија на мешавина од гориво и воздух). Ладејќи го тој воздух, во цилиндрите се создава уште повеќе воздух, што го зголемува бројот на експлозиите во цилиндрите, а со тоа и силата. Интересно е дека, доколку надвор е многу ладно, овој систем работи уште подобро. Во случај да останете без вода, Вашиот M4 GTS ќе има само 444 коњски сили. Доколку не сте цело време под полн гас, односно над 5000 rpm, не треба многу да се грижите за водата. Кога ќе го полните автомобилот со гориво, наполнете го и резервоарот за вода чија зафатнина е 5 литри. Дестилирана вода. Генијално зарем не?
Засилена е и работата на турбо полначите за цели 4.3 psi, односно добиени се 49 коњски сили плус во однос на M4. Менувачот е автоматски, седум степен со дупла спојка и е специјално изработен за овој автомобил. Но, за да ја носите ознаката GTS и титулата најбрз сериски BMW автомобил, треба многу повеќе од сила. Воденото вбризгување е навистина новина, но скромното зголемување на коњските сили и не е некоја посебна работа која што го прави овој автомобил тоа што е. Амортизерите се нешто сосема ново и буквално можат да се поседуваат во стотици комбинации. Исто така, M4 GTS е ставен на сериозна диета и тежи исто колку и стандард M4, но земете го впредвид автоматскиот менувач кој тежи 200+ килограми. Во внатрешноста, се што не е потребно е извадено, панелите на вратите се направени од карбон. Рачките кои служат за отворање и затворање на вратите се заменети со рачки кои се тегнат и се направени најверојатно од коноп. Нови тркачки седишта, алкантара и заштитен метален кафез, со други зборови вистински тркачки автомобил. Недостасува само заштитната мрежа на прозорците. Шега. Однадвор, хаубата, вратата од багажникот, задниот спојлер, дифузер и предниот сплитер се направени од карбон фибер. Дури и погонското вратило е направено од јаглеродни влакна. Прозорецот кој ја дели кабината од задниот дел е направен од плексиглас, а издувниот систем е целосно излиен во титаниум и тежи 20% помалку од стандардниот. Што се однесува на предниот сплитер и задниот спојлер, тие се мулти адаптивни и прават сериозна бројка на downforce: 28 килограми напред и 95 килограми назад при брзина од 300 километри на час. Бидејќи зборуваме за големи брзини и автомобил кој е скоро тркачки ориентиран, сопирањето е од есенцијално значење. Затоа во M4 GTS се вградени карбон-керамички сопирачки, а голем тука се и Michelin Pulot Sport Cup 2 пневматиците, преку кои автомобилот се однесува како да е залепен за асфалтот.
Се до појавувањето на BMW M4 GTS, најдобриот BMW автомобил беше легендарниот M1, чија верзија Procar, своевремено во зависност од подесувањето, можеше да има од 470 до 700 коњски сили. M4 GTS има 500 коњски сили, повеќе влечна сила, ја има најсовремената технологија и затоа е најбрзиот BMW автомобил или сериски автомобил со тркачка дозвола. Но за мене, M1 представува егзотика на тркала. Којзнае, можеби и M4 GTS ќе биде егзотичен за 20 години од сега.
^BMW M4 GTS на Нурбургринг Нордшлаифе.