Throttle/Brake #27: Вонбрачните деца на Porsche: Mercedes 500E и Audi RS2.

Image-1

Аферите, односно соработка помеѓу гигантите во автомобилската индустрија, е нешто што е многу нормално, особено во периоди на транзиција, кога старите технологии се заменуваат со нови идеи. Голем дел од тие афери завршуваат неуспешно, во фиоките, или како концепт автомобили, кои никогаш нема да бидат произведени. Кога Porsche во деведесеттите се втурна во љубовен триаголник со Mercedes и Audi, никој не ни помислуваше дека од таа врска, како вонбрачни деца ќе се родат два култни автомобили. Можеби не го носат името на Porsche, но со сигурност ја имаат истата крв.

Mercedes-Benz 500E

Image-2

Популарниот блиндиран W124 седан на Mercedes беше извонреден, убав автомобил кој емитуваше безвременски квалитет. Но тогаш, луѓето од Mercedes се запрашаа дали само квалитетот е доволен да се биде крал на autobahnen? Не. И тогаш Porsche се втурна во кратка но слатка афера со Mercedes.
Погоните на Porsche, каде што е роден легендарниот 959, по последната линија од 1989 се празни. Новите модели на гигантот од Штутгарт не се продаваат. Mercedes пак растура на пазарот, и е зафатен со лансирање на новиот популарен модел. Одеднаш Mercedes добива неодолива понуда од страна на Porsche и соработката почнува. Ќе се обидам да Ви ја доловам нивната соработка.
Несомнено, дизајнот и се околу тоа каков и што треба да биде 500E, е дело на Mercedes. Но тоа што го прави овој автомобил специјален и уникатен е дело на Porsche. Автомобилот (500E), ги напушта погоните на Mercedes-Benz и оди во Росел Бау, каде инженерите на Porsche ги шират “слабините” на автомобилот со цел да вметнат 16 инчни тркала. Потоа, истите, вградуваат целосно алуминиумски пет литарски V8. Се вметнува спортска армирана задна суспензија и автомобилот повторно се враќа во погоните на Mercedes на фарбање. По завршувањето на тој процес, 500E повторно оди кај Porsche на финалната производна лента. По 18 денови одејќи кај двата родители, како дете чии родители се во битка за старателство, очекувано е 500E да има некоја аномалија. Напротив, Mercedes 500E, завладеа на патиштата со 326 коњски сили добиени од атмосферски мотор, и во исто време беше седан-лимузина за четворица, нормално со Recaro седишта чии рабови беа обложени со фина кожа.

Image-3

Со четири степен автоматски менувач и многу луксузни елементи во внатрешноста, автомобилот делуваше како да е спремен за бал. Под таа убава маска се криеше вистински ѕвер. Во јавноста беше познат како “Волк во јагнешка кожа”, затоа што автомобилот за своето време беше брз, навистина брз. Од место до стотка за време под 6 секунди, 402 метри за околу 14 секунди. Со 1710 килограми, драгстерот и не му беше некоја најсилна страна, но со максимална брзина од над 270 километри на час, Mercedes-Benz 500E беше крал на autobahnen. За период од 1990 до 1995 година, произведени се 10.479 автомобили. Во 1994 направен е Facelift и моделот е преименуван во E500. Малку е познато дека во 1995 година, на барање на специјални богати клиенти, направени се додатни и последно 120 автомобили со ознака E500. Оваа последна серија е целосно направена во погоните, рамо до рамо со Audi RS2. Типичен љубовен триаголник. Во производните книги на Porsche, Mercedes 500E е запишан под името Тип 2758.

Image-4
E500 со фејслифт

Audi RS2

Image-5

Во 1994 година, покрај Mercedes, Porsche започнува афера и со Audi, со цел да го задоволи фетишот на Audi кон супер брзи каравани. Во тоа време лудост но денес и те како посакувана реалност (RS6). Своевремено RS2 бил најдобриот и најбрз модел на Audi. За разлика од Mercedes, Audi и Porsche имале малку поинаква врска.
Базиран на скромниот Audi 80 и изграден на Audi B4 шасија, која ја делеле со VW Passat, гените кај RS2 се распоредени 50:50, односно најдоброто од Audi и Porsche е вградено во овој автомобил. Добро, можеби и не баш најдоброто од Porsche. Audi RS2 за разлика од Mercedes-Benz 500E, е целосно произведен во погонот каде што е произведуван Porsche 959. Од страната на Audi, RS2, покрај дизајнот го добил брилијантниот Quattro погон на сите четири тркала и 2.2 литарскиот мотор со пет наредени цилиндри. И толку. Од тука, се што е направено, целата фантазија и магија е на Porsche. Прво генијалните инженери од Штутгарт, го искористиле своето непроценливо знаење во полето на турбо полначите и вградиле поголем KKK турбо полнач, чиј притисок го зголемиле на 20 psi, со нови инјектори, нов интеркулер и ECU со чија помош се работело синхронизирано и во најдобар ред.
Седејќи многу ниско за еден караван, дури и да не знаете многу за автомобилите, веднаш би рекле дека нешто не е во ред. И така е, бидејќи зошто на еден караван во деведесеттите би му требале тркала од 964 911 Turbo? Згора на тоа и ретровизори од 911? Да, убаво читате.

Image-6

Соработката помеѓу Porsche и Audi за моделот RS2 е многу подлабока од шминка и естетика. Сопирачките на овој автомобил се истите оние од Porsche 968 Club Sport. Дури и турбо лагот, поради големиот компресор е работа на Porsche. До 3000 вртежи ништо, над 3500 по нешто и над 4000 бум. За разлика од 911, и благодарение на Quattro погонот, RS2 се однесувал како мачка во паника. Со 315 коњски сили, од нула до стотка забрзувал за 4,8 секунди. Импресивно е дека од место до 50 километри на час, овој автомобил имал подобро забрзување од совршениот Mclaren F1 и Формила 1 автомобилот на Жак Вилнев. Но со шест степениот мануелен менувач кој бил единствена опција, за да ги достигнете овие забрзувачки параметри, би ви требала некоја финеса. Максималната брзина била електронски ограничена на 262 километри на час. За да ви ја доловам брзината на RS2, ќе направам споредба со денешната Corvette C5, и ќе ви кажам дека на права линија имаат исто забрзување. Во внатрешноста, Recaro седишта, карбон фибер или дрво и алкантара. За малку повеќе од една година, колку што се произведувал RS2, направени се вкупно 2891 примероци.

Image-7
Image-8

Image-9
Image-10

- Реклама -