Throttle/Brake #34: Grand Sport 2017 – Корвета за вистинските возачи и нешто старо-ново од McLaren

naslovna

Последниве две-три години сум многу пријатно изненаден од американските спортски автомобили. Ако до вчера важеше непишаното дека автомобилите кои доаѓаат од Америка се добри само на прав пат, денес ситуацијата е драстично променета. Земете го за пример Dodge Viper ACR со 13 светски рекорди на различни тркачки патеки, Chevrolet Camaro Z28 или пак Chevrolet Corvette ZO6. За разлика од претходните генерации на легендарната Корвета, оваа последнава која патем е најмоќна и најубава, ја красат врвни перформанси на прав, но и на кривулест пат. За оние кои што го сакаат максимумот од еден спортски автомобил, вистинските возачи, пуристите, тука е ZO6 Grand Sport. Доколку не знаете што е Grand Sport, ќе објаснам вака: тоа што лимитираната верзија “R” е за Porsche 911, Grand Sport е за  Корвета ZO6. Фенси, скоро тркачки ориентиран автомобил кој изобилува со пријатни манири за секојдневно возење. 

1

Да одиме полека. Прво да ја анализираме мојата дефиниција која можеби не кажува многу. Значи, Grand Sport, е Корвета која е направена да ја пополни празнината меѓу Stingray и ZO6. Сетирана да има врвни перформанси на тркачките патеки и да биде уникатна при секојдневното возење. Сигурно се прашувате која е разликата Stingray, ZO6 и Grand Sport? 

Во суштина и да нема некоја голема разлика. Моторот е истиот 6.2 литарски, V8 што се вградува кај сите модели, но атмосферски (ZO6 има суперчарџер) со 460 коњски сили и 618 Nm влечна сила. Кај овој модел акцентот е ставен на управливоста. Затоа Grand Sport има аеро пакет со многу downforce, направен од карбонски влакна и возни својства како воз кој оди по шини. Пневматиците Michelin Pilot Sport 2 обезбедуваат многу грип, за да автомобилот е добро залепен за асвалтот. За сопирањето на Grand Sport се грижат Brembo сопирачки, а на располагање имате и дополнителен пакет ZO7 со керамички дискови. Шасијата и суспензијата се развиени за тркачки потреби. Grand Sport е опремена и со електрично контролиран диференцијал, кој ја регулира силата на задните тркала во даден момент и спречува пролизгување (oversteer). Како и другите модели од последната генерација, и Grand Sport ќе се нуди со седум степен мануелен менувач кој според мене е прав избор, и осум степен автоматски. За тие со авантуристички дух има и кабриолет верзија која изгледа моќно. 

2

Сигурно се прашувате зошто Grand Sport е базирана на Stingray а не на ZO6? Со 650 коњски сили или скоро 200 повеќе од Grand Sport, ZO6 е помалку проблематична во свиоците, посебно во делот кога излегувате од еден свиок и треба да притиснете на педалот за гас. Всушност, би ве советувал да бидете многу нежни, затоа што 650 коњски сили се многу за Корвета. Кај Grand Sport е намалена масата и силата, што ви овозможува полн гас низ свиоците. Од нула до сто километри на час забрзува за 3,6 секунди, а за 11,8 секунди проаѓа 402 метри и достигнува брзина од скоро 200 километри на час. Најдобриот дел од оваа приказна е цената. За 60.000 и нешто илјади евра добивате автомобил со бомбастичен изглед, солидни перформанси и традиција. Без размислување ќе кажам дека Grand Sport е подобар спортски автомобил од BMW M4 GTS, и чини речиси половина помалку од M4. Но што е со Porsche 911 R? За овој дуел ќе читате во некоја од наредните епизоди.

3 4 5 6

McLaren…

7
Првата официјална фотографија од McLaren BP23.

Пред некое време во една од моите епизоди пишував за гласините поврзани со наследникот на McLaren F1, односно нов хипер автомобил. McLaren експресно ги отфрли овие гласини со образложение дека го имаат P1 и бла бла бла. Но каде што има чад, има и оган. Вчера од компанијата McLaren соопштија дека во одделот MSO (McLaren Special Operations) работат на Hyper GT автомобил за тројца, односно со три седишта и средишно поставен волан. Ви текнува дека и F1 од деведесеттите имаше три средишта? Стар докажан концепт во ново руво.

Автомобилот кој е веќе распродаден има кодно име BP23. BP2 во превод значи Bespoke Project 2 а бројот 3 ги означува трите седишта. По примерот на F1, и од BP23 ќе се направат само 106 примероци. Засега официјални спецификации нема, но од фабриката велат дека BP23 ќе биде хибрид и еден од најмоќните автомобили досега. И најважната информација е дека секој дел што ќе биде направен за BP23, ќе биде само и само за BP23. На потег се Porsche и Ferrari. 

8
Најдобриот автомобил на сите времиња, McLaren F1.
Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ
- Реклама -