Throttle/Brake #37: Седан со перформанси на супер автомобил -­ Mercedes-Benz AMG E63 S со дрифт мод

naslovna

Новиот Mercedes-Benz AMG E63 S можеби не е ѕвезда од калибарот на AMG Hammer, но е најсилната E класа досега и има доста одговорна задача, да ги промени стандардите во сегментот на големите спортски седан автомобили. Перфектен тајминг да се искористи апатијата на најлутиот опонент, BMW M5. Ми се допаѓаат овие позитивни ветрови кои дуваат во Mercedes-Benz. Навистина им тргна по нагорна линија во сите сегменти. Бидејќи се што е од AMG е во знакот на перформансите, ќе започнам токму од нив.

1

Под хаубата на овој фамилијарен седан се наоѓа 4.0 литарски, V8 битурбо мотор кој на тркалата испорачува 612 коњски сили и неверојатни 850 Nm влечна сила. Конвенциалниот “обичниот” E63, што нас нормално не не интересира, има моќ од само 571 коњски сили и 750 Nm. Само за споредба, претходниот E63 S имаше 585 коњски сили и 720 Nm, и беше можеби најбруталниот автомобил во кој некогаш сум седнал. Доволно беше само малку повеќе да притиснете на педалот за гас, дури и со систем против пролизгување (Traction Control), за автомобилот да почне да се однесува како да е во рацете на Крис Харис на тркачка патека. Едноставно, пролизгуваше под дефолт. Погонот на сите четири тркала, за првпат беше вграден токму во овој автомобил, но делуваше некако спартански. Замислете колку неодговорно би било сета таа моќ да ја концентрирате на задните тркала. Кај најновиот модел, големите умови од AMG се фатиле за работа и системот го направиле комплексен, односно многу подобар. Во зависност од ситуацијата, расположението и возачките способности, на располагање ви се неколку опции за подесување на 4MATIC системот. Доколку сте сигурен во себе и своите способности, модот за дрифт се наоѓа во Race Mode. Сета сила се префрла на задните тркала (многу неодговорно), и менувањето на брзините е целосно во вашите раце. Доколку ви заврне, или едноставно не сакате да изведувате како Крис Харис, префрлете во 4MATIC +. Со овој мод се активира векторското распоредување на силата на сите тркала, систем кој ја распоредува потребната сила на секое тркало за максимална стабилност и прецизна управливост. Со 4MATIC + и AMG Speedshift MCT менувачот со девет степени, од место до стотка одите за 3,4 секунди. Максималната брзина која E63 S ја достигнува изнесува 300 километри на час, додека “обичниот” E63 е лимитиран на 250 километри на час.

2 3

Внатрешноста е перфектно избалансирана помеѓу луксуз, комфорт со многу спортски елементи. Материјалите кои се користени се од највисок квалитет. Мене лично, најмногу ми се допаѓаат карбон фибер елементите, кои го потенцираат спортскиот дух и ве “предупредуваат” дека не сте во обична E класа, туку во најбрзата. Целосно електрични спортски седишта, амбиент светла во 64 различни бои, и многу ситни преубави детали, кои за мене се голема работа.

4 5

Додека Audi RS 6 заостанува, а BMW се некако апатични во врска со M5, најновиот E63 S го има целото потребно време да постави нови стандарди во овој сегмент. Следува најважното прашање: Колку ќе чини овој волк во јагнешка кожа? Цената сеуште не е официјализирана, но моите проценки се дека ќе оди над 120 илјади евра. За крај, што е тоа што го прави Mercedes-Benz AMG E63 S специјален? Говорејќи од моето лично искуство со претходниот модел, ќе кажам дека чувството на страв и комфорт во исто време е клучниот фактор зошто E63 S е специјален. Вистински муслулест автомобил, со сериозни перформанси кој можете да го возите секојдневно, на тркачка патека, и секогаш да се чувствувате удобно. А можете и бескрајно да дрифтате.

6 7

Пишува: Брацо Моралиќ
Пишува: Брацо Моралиќ
- Реклама -