Божицата на ветрот е конечно топлес… Каков прекрасен автомобил. Рака на срце, ова е можеби најубавиот автомобил некогаш направен. Хорацио Пагани, ќе рече дека Huayra Roadster е најголемиот предизвик во неговата кариера. А ако сакате многу да го налутите, само речете дека неговиот нов супер егзотичен автомобил е Huayra без покрив. Бидејќи не е.
Pagani Huayra Roadster е целосно нов автомобил. Полесен, помоќен, поцврст и постабилен од Huayra купе. Всушност, слободно ќе кажам дека овој автомобил е Huayra BC во топлес варијанта. Проектот за Roadster е започнат уште во 2010-та година, но ненадејно бил прекинат од икс причини. Три години подоцна, проектот е рестартиран и е наречен “la belleza” или убавица. Нај воодушевувачки е фактот дека целата таа убавина е неверојатно функционална, односно се што гледате (и што не) на автомобилот е преубаво и истовремено има функција. За разлика од Huayra купе, верзијата без покрив има целосно нова предница со нов распределувач на воздух (сплитер), нов заден дифузер, нови врати кои на голема жалост не се отвараат нагоре (галвинг), нови тркала, намалена е масата за цели 80 килограми, подобра аеродинамика и повеќе сила. Возачката кабина е целосно направена од два вида на карбонски ткаенини, карбо-титаниум и карбо- триакс. Покрај тоа што е намалена масата (1280 килограми), импресивен е фактот дека шасијата на Huayra Roadster е за 52% поцврста во однос на Huayra купе.
Доколку ви застуди или заврне, на располагање имате карбонски покрив со панел стакло кој на автомобилот му дава изглед на купе, и покрив со карбонска рамка и платно кој можете да го чувате во самиот автомобил.
И по 18 години, сеуште верни на моторите на Mercedes-AMG. Во суштина, моторот кој ја придвижува La bellezza е истиот оној од Huayra купе, M158 6.0 литарски твин турбо V12, но сега испорачува максимални 754 коњски сили (6200 вртежи во минута) и 1000 Nm благодарение на подесувањето и тјунигот кои се позајмени од екстремната Huayra BC. И седум степениот полу-автоматски менувач (Xtrac) е позајмен од BC и е 40% полесен во однос на менувачот кој е вградуван во првата генерација на Huayra. Официјални бројки за забрзувањето и максималната брзина нема. Неофицијално од место до стотка, топлес убавицата ќе оди за помалку од три секунди, а ќе престане да забрзува откако ќе достигне 340 километри на час. За запирањето се грижат најновите и најдобрите Brembo компоненти, заедно со карбон-керамичките вентилирачки дискови со четири клипови, кои се сместени во специјално излеани 20 и 21 инчни алуминиумски тркала. Само за Pagani Huayra Roadster, Pirelli имаат развиено специјални P Zero Corsa пневматици, кои помагаат автомобилот да достигне фрапантни 1.80 g страничен грип (странична сила која настанува кога автомобилот со голема брзина влегува и излегува од свиоците). Ќе бидат направени само 100 “Убавици”, а почетната цена на Huayra Roadster изнесува 2.4 милиони евра. Но, сите примероци се веќе продадени, па доколку сакате да ја купите на “старо”, цената би можела да достигне и до 3 милиони евра. И да, Ferrari LaFerrari Aperta е веќе демоде.
Ако нешто е секогаш модерно, брзо и секси, тоа се GT автомобилите на Ferrari.
Ferrari 812 Superfast.
Дами и господа, наследникот на F12, Ferrari 812 Superfast. Да, Superfast!
Ова е можеби последниот Ferrari автомобил со чист, атмосферски V12 мотор. Се прашувате што е со името “Superfast”?
За Ваша информација ова е најмоќниот Ferrari автомобил (без батерии). Во него е вграден најновиот и најмоќниот 6.5 литарски, атмосферски V12, кој испорачува 790 коњски сили при вртоглави 8500 вртежи во минута, и 800 Nm влечна сила. Споредено со 6.3 литарскиот V12 кај F12, тоа се 60 коњски сили повеќе. Од нула до стотка ќе забрзува за 2,9 секунди, а максималната брзина ќе оди преку 340 километри на час. Менувачот е седум степен автоматски со дупла спојка, за кој знаеме колку е брз. Ќе тежи исто колку и F12 Berlineta, односно килограми. Superfast ќе биде опремен со подобрен систем за вртење на сите четири тркала, и верувале или не, дрифт мод. Цената ќе се чува во тајност се до саемот во Женева, но мојата проценка е дека ќе оди над 300 илјади евра. Незнам за вас, но јас навистина ги сакам GT моделите на Ferrari. Него, што е со името “Superfast”?