Христос Воскресна!
Доколку сте тип кој сака да се движи брзо и во стил, и претпочита автомобили со две врати, продолжете да читате… Долги години, Bentley Continental GT апсолутно доминираше во овој сегмент, но високата цена и досадниот дизајн полека си го земаа данокот. На сцената се појавија нови играчи. По скоро 20 години, Mercedes реши да го врати во живот нивното најголемо купе. Англичаните пак, едноставно, одзедоа малку од моторот, и додадоа турбо и некој сантиметар плус на нивниот беспрекорен дизајн, шарм и луксуз.
Aston Martin DB11 
Најважниот Aston Martin автомобил во 103 годишното постоење на компанијата од Велс. Барем така вели Енди Палмер. Дизајниран да биде најдобриот гранд турер, со линии позајмени од големците One77 и Vulcan. Во однос на претходникот DB9, најголем напредок е постигнат во мултифункционалната внатрешност и унавоната на патување на подолги дестинации. Нели, Џејмс Бонд редовно патуваше од Лондон до некое мондеско место со својот Aston. Најголемата критика е за срцето на овој автомобил. Како може еден Aston Martin да не биде со атмосферски напојуван V12? Додуша, V12 е, ама твин турбо. Го нема оној препознатлив и разорувачки Aston Martin звук. Се прашувате зошто од DB9 отидоа директно на DB11, прескокнувајќи го концептот DB10 кој имаше улога во последниот филм на Џејмс Бонд? Затоа што DB11 е повеќе од 007 автомобил. За разлика од нашминканиот DB10, најважниот Aston Martin е направен на сосема нова платформа, има нов мотор и скоро нова трансмисија. Но, останува отворено едно прашање, дали DB11 е гранд турер или спортски автомобил? Како и да е, направен е да биде комфорен и убав од 1 до 320 километри на час, брзина, за која многу спортски автомобили можат да сонуваат.
DB11 е првиот од гамата на нови и подобри Aston Martin автомобили кои треба да се појават во наредните седум години. За нив, во некоја наредна прилика. Срцето на овој автомобил се најде на удар на некои “експерти”, па затоа заслужува збор-два повеќе. Од Aston Martin тврдат дека “извадиле” 600 коњски сили и 700 Nm од 5.2 литарскиот твин турбо со дванаесет цилиндри во V формација. Да повторам, моторот е нов, развиен од страна на Aston Martin, а не од Mercedes AMG, како што беше пракса досега. Не само што е развиен во погоните на Aston, туку е и рачно изработен. Ако сакате да знаете кој е човекот одговорен за вашиот мотор, погледнете под грубата и ќе најдете плочка на која е изгравирано неговото име. Силата од напред поставениот мотор оди преку ZF осум степениот автоматски менувач само на задните тркала. Од место до стотка забрзува за околу 4 секунди, а 402 метри ги проаѓа за 12 секунди, што и не е така лошо за јахта на тркала. Максималната брзина достигнува 320 километри на час. Земајќи ги в предвид овие брзини, сопирачките делуваат малку слаби и конфузни. Но, на крајот на краиштата, DB11 не е оружје за на тркачките патеки.
Со цел да се задоволат некои глупави норми, управувањето, на големо разочарување е електрично. Досега сум немал прилика да го возам DB11, но коментарите на тие кои имале среќа да го возат, се дека врската помеѓу возачот и автомобилот преку управувачот е некако конфузна. Конфузни се и димензиите и цената. Дали знаевте дека разликата помеѓу широчината на DB11 и Ford Raptor е само еден IPhone? А и цената од 210 илјади евра е малку нападна, не? Но, за разлика од старомодниот DB9, ова е многу попаметен, побрз и поубав автомобил. Посебно кога ќе седнете во автомобилот, имате чувство дека го носите автомобилот. Внатрешноста е онака Астон Мартински убава, а и веќе ако ја носите, треба да биде со најубавата кога, така? Највеќе ми се допаѓа командната табла и како се менува со менувањето на стилот на возење.
Имав прилика да си поседам и да го видам автомобилот одблизу, и коментарите дека автомобилот не е убав сосема ги отфрлувам. Немав доволно време да седнам на “теоретската” задна клупа или да го проверам квалитетот на пластиката користена за сјајно црните копчиња, но ме воодушеви кликот на палките за менување брзини. Не дека е многу важно, но прави мерак.
Дали Aston Martin DB11 е добар спортски автомобил? Не! Дали е добар GT крузер? Да. Дали е подобар од Mercedes S63 AMG 4MATIC Coupe?
Отсекогаш сум бил голем љубител на работата на Mercedes-Benz. Особено на специјалниот оддел AMG. Знам дека тоа ме прави пристрасен, но во оваа епизода ќе останам објективен.
Ако DB11 беше улична јахта, тогаш S63 или S65 Coupe е уличен џет авион. Убав, доволно брз и опремен со најдобрата можна технологија во моментов во автомобилската индустрија. И е Mercedes-Benz. По цели дваесет години служба, односно од 1998 година, концептот и ознаката CL одат во пензија. Велам концепт, бидејќи CL во суштина не беше S Coupe, без разлика колку и да изгледаше дека е. За Mercedes-Benz, класата S или Sonderklasse е специјална класа. Но, одделот AMG е надлежен за сите класи. За разлика од Aston Martin, Mercedes AMG, своето најлуксузно купе го испорачува во две варијанти: S63 и S65, или V8 и V12. Ќе почнам од послабиот. S63 Coupe е опремен со најновиот 5.5 литарски V8, кој испорачува 577 коњски сили и 900 Nm. Посилниот S65, е опремен со 6.0 литарскиот твин турбо V12, кој испорачува 621 коњски сили и 1000 Nm. Но, поголема моќ, не значи и поголема брзина. Од место до стока, S63 Coupe забрзува за 3,7 секунди благодарение на својот 4MATIC (погон на сите четири тркала), додека посилниот брат близнак за само 4,1 секунда. На четвртина милја, послабиот брат е исто така побрз и 402-те метри ги изминува за 12 секунди, додека S65 Coupe за “само” 12,2 секунди. При достигнување на максимални брзини, силата на S65 доаѓа до израз. И двата автомобили се електронски ограничени на 300 километри на час. На тркачките патеки, S63 Coupe 4MATIC е исто така побрз, благодарение на погонот на сите четири тркала, на кој S65 не може да смета поради својата брутална моќ.
Во специјалното купе се вградени и низа системи, кои возењето го прават побезбедно, поудобно и кога треба побрзо. Еден од нив, кој боде очи е Magic Body Control, систем кој го скенира патот односно подлогата. Со помош на овој систем, суспензијата на автомобилот автоматски се прилагодува на подлогата. На пример ако подлогата е глатка и возите брзина, суспензијата ќе се зацврсти и автомобилот ќе биде полесен за маневрирање и запирање при големи брзини. За првпат, еден автомобил ќе може и автоматски да се навалува за повеќе комфор и стабилност во свијоците. Во знакот на перформансите, автомобилот е ставен на посебна диета. Со посебно изработени тркала и користење на карбонски влакна, S63/65 со своите димензии тежи само 2070 килограми или 300 килограми повеќе од лутиот ривал Aston Martin DB11. Внатрешноста е приказна за себе. Иако многумина ќе ми забележат, S63 Coupe внатре е многу поубав од DB11. Само да ја видите внатрешноста одложена со црвена кожа и многу карбон.
Скромноста на S63 Coupe 4MATIC е најдоброто нешто што можете да го добиете од овој автомобил. За 160 илјади евра, добивате “само” V8-ца која всушност е побрза од нескромниот S65 Coupe со V12 мотор кој чини 44 проценти повеќе или 235 илјади евра. За тие пари можете да купите Aston Martin. Нели, клишето вели дека Mercedes-Benz нема никогаш да биде Aston Martin. Јас велам, безмислици! За 50 илјади евра помалку, имате беспрекорен инженеринг, побрз и поквалитетен автомобил, со поубав ентериер и фунционална задна клупа. За мене лично, дизајнот на S63 Coupe е поубав од тој на DB11. За вкусовите не се расправа, но пред фактите се молчи. А фактите се на страната на Mercedes-Benz. Одговорот за тоа кој од овие два гранд турери е подобар, нема да го најдете на тркачките патеки или драгстер пистите. Нема да го најдете ниту во тестовите. Одговорот сте вие. Незнам дали се работи за снобот во нас, но Aston Martin DB11 мами повеќе погледи и воздишки. Секако, тоа не го прави подобар автомобил.