Throttle/Brake 63: Задоцнет одговор или полн погодок? Ferrari 488 GTO и Ferrari FUV

Крајот на јуни ни донесе нешто сосема очекувано и неочекувано. На патеката Нирбургринг Нордшлаифе беше забележан најекстремниот V8 автомобил кој досега излегол од портите на Маранело, 488 GTO. По долгодишната апатија кон најпопуларниот сегмент, Ferrari конечно се предаде и сосема неочекувано, најави дека работи на првиот SUV, или по нивно FUV.

488 GTO.

Време е Ferrari да се соочи со Lamborghini Huracan Performante, Ford GT, Porsche 911 GT2 RS и McLaren 720S! 488 GTB е одличен автомобил, но без вистинска цел и волја да се спротивстави на лутите ривали. Ferrari е на лош глас дека дигнале раце од докажување на тркачките патеки, и се фокусирале на супер GT сегментот, каде морам да признаам дека се стварно на врвот. Но, Ferrari не смее (и не може) да биде Aston Martin.

488 GTO ќе биде поекстремна и полесна верзија на стандардниот модел и ќе биде наклонет кон тркачките патеки. По четврти пат, Ferrari ќе ја користи додавката “GTO”, а овој потег треба да се сфати како сериозна порака дека се работи за “посебен” автомобил. Првиот “GTO” беше 250 GTO од шеесеттите години, па феноменалниот 288 GTO од осумдесеттите и 599 GTO.

Стандардниот 488 GTB има 661 коњски сили и не се снаоѓа баш најдобро таму за каде што е создаден. GTO ќе го има истиот 3.9 литарски твин турбо V8 мотор, но сега ќе биде засилен до 700 (плус/минус) коњски сили и 760 Nm. Непотребните работи од кабината ќе бидат отстранети, а ќе се користат и ултра лесни компоненти, со што 488 GTO ќе тежи помалку од 1400 килограми. Аеродинамиката ќе биде активна и значително подобрена. Суспензијата, сопирачките и пневнатиците исто така ќе ревизирани и изработени од благородни материјали. Целиот пакет на измени би требало да го лансира 488 GTO од место до стотка за 2,7 секунди, и 7,5 секунди до 200 километри на час. Предупредувачки бројки за McLaren 720S. Некои извори тврдат дека 488 GTO ќе има KERS хибриден погон (како во LaFerrari), иако сопствениците на овие хипер автомобили, мака мачат (и трошат огромни суми на пари) со батериите. Дали се работи за нова подобрена технологија која доаѓа од F1 автомобилите? Можно е, бидејќи во Ferrari почнаа да дувааат нови амбициозни и победнички ветрови. Ferrari 488 GTO ќе се појави во 2018 година и ќе чини околу 300 илјади евра. Се сеќавате ли кога се појави моделот 458 Italia и буквално го уништи (на тркачка патека) знаменосецот Enzo? Дали и сега ќе биде така? Можно ли е 488 GTO ќе биде побрз од LaFerrari? Да, но Ferrari тоа нема да го признае се до појавувањето на наследникот на LaFerrari.

^ На видеото: Ferrari 488 GTO на патеката Нирбургринг Нордшлаифе.

FUV.

Ветровите во Ferrari носат суштински промени, со кои Енцо, доколку беше жив, никогаш не би се согласил. Пред само една година, на прашањето дали во Ferrari се размислува за SUV сегментот, Серџо Марчионе рече дека попрво би се убил, отколку да прави џип. Деновиве, истиот тој човек, официјално го потврди проектот F16X или Ferrari FUV (SUV).

Се поизвесно е дека Ferrari GTC4 Lusso ќе оди во пензија, а неговата платформа ќе се преточи во првиот теренец на Ferrari, FUV или Ferrari Utility Vehicle. Првиот 4х4 автомобил на Ferrari беше моделот FF, кој се појави во 2011 година. Потоа следуваше Lusso и “послабата” верзија Lusso T. Токму со појаувањето на овој автомобил, нештата во Ferrari почнаа да се менуваат (во позитивен правец). Продажбата не одеше по планот, автомобилот не се покажа во најдобро светло, а Lamborghini го најави нивниот втор по ред теренец, Urus. Тогаш сфатија дека навистина заостануваат зад своите лути ривали, и Ferrari Utility Vehicle стана стварност. Платформа и мотор од GTC4 Lusso (или GTC4 Lusso T), 4×4 од FF и дизајн делумно инспириран од Lusso. Замислете издигнат Lusso со четири (пет) врати, каде што задните врати ќе бидат дискретно скриени (Aston Martin Rapide).

И покрај бескрајната ароганција на Ferrari и нивната опсесија за V12 агрегати, F16X ќе биде придвижуван од 3.9 литарскиот V8 турбо од GTC4 Lusso T, кој всушност ќе биде хибрид, што значи дека теренецот ќе располага со многу повеќе сила од 602-те коњски сили на Lusso. Неофицијално, FUV ќе има околу 700 коњски сили и почетна цена од 300 илјади евра. Првиот теренец на Ferrari, ќе се појави во 2021 година, но нешто ми кажува дека ќе го видиме многу порано.

Суштинското прашање во оваа епизода е самиот наслов: Дали овие потези на Ferrari се задоцнети или се полн погодок?

Што се однесува до 488 GTO, моето мислење е дека автомобилот ќе биде полн погодок. Научија од грешките со 458 Speciale, тактизираа и трпеливо ги чекаа конкурентите. Сепак, Porsche 911 GT2 RS со својата агресивна појава, делува недостижно за 488 GTO, барем на тркачките патеки.

Ferrari FUV… Одличен потег на Ferrari, иако доцнат цели 15 години.

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -