Се сеќавате ли на времињата кога SUV сегментот беше наменет за богатите сопруги? Автомобилите беа коцкасти, тромави и скапи. И денес се скапи, но се брзи, динамични, убави и мега популарни. Секој, стар, млад, маж или жена би сакал/а во својата гаража да има еден Porsche Cayenne или BMW X5. Пред 15 години, Porsche почна да пишува нова SUV историја. Конечно, со огромно задоцнување, најлутите ривали на гигантот од Штутгарт, решија да се пресметаат и во најпопуларниот автомобилски сегмент. Резултат? Теренски возила со перформанси на супер автомобил.
Aston Martin DBX
Навистина сум изненаден од работата и креативноста на Aston Martin и Lamborghini. Англичаните се во сосема нова ера, а италијаните се се подобри. На наша огромна радост, автомобилската индустрија во последниве неколку години многу напредуваше, па дојде време Aston Martin и останатите производители на супер спортски автомобили, силите да и одмеруваат и на нерамен терен. По Valkyrie, Енди Палмер ни приреди уште едно изненадување, Aston Martin DBX.
На прв поглед, автомобилот изгледа прекрасно и остава впечаток дека е дериват од GT, SUV и кросовер, но и на rally fighter. Но, сепак, на сликите е прикажан концептот, кој е налик купе и во кој задната клупа би била целосно нефункционална, па логично е да се претпостави дека DBX ќе има и задни врати.
За тие што не знаат, да напоменам дека Aston Martin и Mercedes-Benz се во голема љубов, односно имаат тесна соработка, па затоа ќе си земам слобода да шпекулирам дека “теренецот” ќе биде поставен на платформа од Mercedes-Benz. Ако грешам, тогаш сигурно ќе одат со модифицирана платформа од DB11, на која ќе преовладува алуминиумот.
На прес конференцијата, Палмер изјави дека DBX ќе има KERS, и ќе се “грижи за животната средина”, па многумина побрзаа да шпекулираат дека автомобилот ќе биде целосно електричен. За волја на вистината, шпекулациите не се многу далеку од вистината. Целосно електричен DBX ќе има, но ќе пристигне неколку години подоцна од појавувањето на првиот DBX (2020), кој ќе биде придвижуван од Мерцедесов V8 агрегат. Неофицијално, Aston Martin и хрватски Rimac ќе соработуваат со цел да развијат “оптимален” електричен погон за DBX. За перформансите е сеуште рано да се зборува, но логичниот минимум би бил 550 коњски сили од бензискиот мотор и многу повеќе сила и вртежен момент од електричниот. Колку би чинел овој GT/SUV луксуз? Помалку од Bentley Bentayga, а малку повеќе од Lamborghini Urus или околу 220 илјади евра.
BMW M5 – Полн погодок за баварците?!
Седмата генерација на серијата 5 се појави пред околу една година, но деновиве пристигна верзијата со буквата “M”, која сите со нетрпение ја очекуваа. BMW M5, поинаков од било кој “M” автомобил пред него.
Сеуште го немам видено во живо, но автомобилот изгледа феноменално со црните 20 инчни тркала и матирана црвена вишна ( Frozen Dark Red Metalic). Покрај уникатната и преубава боја, ова е првиот M5 кој ќе има погон на сите четири тркала и само 8 степен автоматски (M Steptronic) менувач. Но тоа не е се! Доколку сте Крис Харис, во секој момент можете целосно да ја исклучите предната оска и бескрајно да дрифтате. Ако претерате и сакате да го скротите, одберете 4WD Sport и задниот дел на вашиот M5 ќе лизга покултурно.
Моторот на новиот M5 е делумно истиот 4.4 литарски, твин турбо V8 агрегат кој ја придвижуваше претходната генерација, но развиен и засилен до 600 коњски сили и 750 Nm. Во комбинација со M xDrive и 4X4, M5 забрзува како катапулт. Од место до стотка за 3,2 секунди, до 200 за 11,1, а доколку имате M Drivers Package ќе можете да ги достигнете максималните 305 километри на час.
И покрај погонот на сите четири тркала, новиот M5 со маса од 1930 килограми, е за 20 килограми полесен од претходникот. Не е баш лесен автомобил, но во никој случај не би требало да ја “отежнува” работата за која е наменет. Доколку парите не ви се проблем, имате опција за карбонски-керамички сопирачки, кои ќе заштедите околу 20 килограми.
Внатрешноста има нов, многу поубав дизајн. Кожа, спортски седишта и насекаде карбон. Како јаготка на шлагот, се двете црвени копчиња на воланот, кои му служат на новиот M xDrive систем.
Основниот модел ќе се продава по цена од 118 илјади евра. А Mercedes-Benz E63 AMG S 4MATIC? Мислам дека овој пат M5 ќе биде рамо до рамо со најголемиот конкурент.
Pagani Zonda HP Barchetta
Се сеќавате ли на “последната” Zonda F Roadster Final и трите one-off автомобили, со кои Хорацио Пагани сакаше на спектакуларен начин да го испрати моделот Zonda во пензија? Наместо во пензија, тој направи уште неколку Зонди, и најверојатно е дека нема да престане да ги прави. Не дека ни сметаат…
Значи, по 760 RS, 760 LH и 764 Passione, следеа 760 Fantasma, 760 Kiryu, 760 LM, 760 OLIVER Evolution, Zonda R Evolucion, Cinque, Cinque Roadster и “последната” Zonda Revolucion. И сега, по многу години, Хорацио направи уште три Зонди, за да му покаже на автомобилскиот свет како изгледа Зондата по негов ќеиф. Супер. Автомобилот изгледа како уметничко дело, но 12 милиони евра за ќеифот на Хорацио Пагани?! Под хаубата ништо ново. Таму и натаму се наоѓа 7.3 литарскиот атмосферец на AMG, но сега на располагање ќе има нешто повеќе од 700 коњски сили, кои ќе се диригираат преку 6 степениот мануелен менувач. Масата е за 30 килограми намалена во однос екстремната 760 RS, и изнесува само 1250 килограми. Barchetta е облечена во карбон фибер, а во внатрешноста доминираат карбон, тартан и алуминиум. За сопирањето на најекстремната Zonda без покрив и ветробранско стакло, ќе се грижат карбон-керамички Brembo сопирачки. Направени се само три вакви автомобили, од кои само два ќе бидат понудени на продажба.
Бројките и перформансите за овој автомобил се небитни, бидејќи секоја Zonda е уникатно уметничко дело. Автомобилите на Хорацио Пагани не треба да се класифицираат и споредуваат со останатите супер/хипер автомобили, бидејќи тие се уметност. Единствено Spyker е на истата уметничка бранова должина.
За крај, еден предлог до господинот Пагани: Хорацио, ако читаш (шансите да чита се 1:1000000), следната “последна” верзија на Zonda да се вика 760 Immortale.
Со Брацо Моралиќ.
Сакаш уште? КЛИКНИ.