Throttle/Brake #71: Најбрзото од Ferrari и Corvette и Aston Martin ft. Mercedes AMG – Vantage 2018

Ви текнува на Ferrari LaFerrari? Секако, таков автомобил не се заборава. Но, Ferrari, како да многу брзо се заситија од суперлативната убавина и моќ на LaFerrari, па почнаа да флертуваат со специјалниот оддел FXX. Од таа романса го добија застрашувачкиот FXX K, кој каде и да се појавеше (се појавуваше само на тркачките патеки, и му беше забрането учеството во официјални трки) ги оставаше милионерите кои не беа доволно привилегирани со скршени срца. Но… дојде време FXX K да еволуира и се разбира, привилегираните клиенти да потрошат уште некој милион.

Во една од моите претходни епизоди, напишав дека копјата ќе се кршат околу аеродинамиката. Тоа и се случува. На улиците гледаме супер автомобили чиј коефициент на аеродинамика е ист (ако не и повеќе) како и кај тркачките GT3 автомобили. Ferrari FXX K Evoluzione дефинитивно нема да го видиме на улица, но се што е на него ќе го видиме на следниот хипер автомобил кој ќе излезе од портите на Маранело. Која е разликата помеѓу LaFerrari, FXX K и Evoluzione? Во суштина, се работи за истиот автомобил, кој е подложен на низа модификации во моторот, суспензијата и аеродинамиката. Да речеме дека Evoluzione е FXX K со многу повеќе даунфорс. Колку повеќе? 23 проценти повеќе од FXX K и неверојатни 75 проценти повеќе од LaFerrari. Со други зборови, во брз свиок каде LaFerrari би одел 150 километри на час, FXX K Evoluzione би бил комотен и при брзина од околу 180 километри на час. Благодарение на новото (перка од ајкула) крило, при брзина од 200 километри на час, Evo генерира 640 килограми негативен потисок. Напред, светлата се заменети со воздушен канал, кој оди се до задните светла (нема задни светла), и формира огромно количество на воздух кој струи долж целиот автомобил и во исто време има неколку функции. Моторот е истиот како кај FXX K, со 1035 коњски сили. Новитет е KERS Manettino, кој сега е достапен со само едно притискање на копче. Цената и останатите важни бројки засега се непознати, но максималната брзина во никој случај не би ја надминала границата од 350 километри на час која ја постави “обичниот” LaFerrari. Што е со конкурентните McLaren P1 GTR и Aston Martin Vulcan? Тие се супер и со нетрпение го чекаат денот кога конечно ќе се соочат со лутиот ривал од Маранело.

Chevrolet Corvette ZR-1

Пред една недела (скоро три недели кога ќе читате) на саемот за автомобили во Дубаи беше претставена најбрзата Корвета досега.

Автомобилската индустрија го достигна врвот на хиперболата. Тоа што пред само неколку години беше резервирано за најбогатите, сега е достапно и за оние кои работат добро и ги сакаат спортските автомобили. Замислете, за цена на BMW M4, добивате Корвета со 755 коњски сили. За мене како Европеец, Корветите се нешто посебно и секогаш буделе поинакви чувства. Ама, оваа Корвета не е уште една “обична”. ZR-1 цели многу, многу високо, кон најбрзиот автомобил на Нурбургринг, а и во светот, Porsche 911 GT2 RS.

Од Chevrolet гордо се фалат дека ова е најбрзата и најмоќната Корвета која излегла од нивните погони. Со 755 коњски сили и максимална брзина од преку 340 километри на час, нема зошто да не им веруваме. Што е се сменето во однос на стандардната ZO6? 6.2 литарскиот LT4 е заменет со целосно новиот 6.2 литарски LT5, кој развива 755 коњски сили и 970 Nm. За силата на овој мотор, најголема заслуга има новиот суперчарџер, кој има 52% поголема зафатнина во однос на оној што го засилува LT4 (ZO6). За да се напои оваа гладна машина, Chevrolet развива нов двоен систем за вбризгување на гориво. Кружеа гласини дека ZO6 има проблеми со ладењето на моторот, па затоа за ZR-1 не се ризикуваа ни најмалку и додадоа уште четири радијатори, за вкупни 13.

ZR-1 ќе се продава во две варијанти: ZTK аеродинамичен пакет со огромно задно крило (сликата погоре), кој произведува 430 килограми даунфорс при одредена брзина, односно 60% повеќе од ZO7 пакетот кој се нуди за ZO6. Ако одите на варијантата без големото задно крило, за вас ќе важи онаа старата дека сте направиле нешто, ама не сте се кажале, па затоа исто како да не сте правеле ништо.

Автомобилот кој се појави на светската премиера во Дубаи, беше “дотеран” во Sebring Orange Design Package а неговата внатрешност ќе биде оплеменета со бронзен алуминиум. Што и да е тоа, убаво е. На улиците ширум Европа, ZR-1 ќе ја видиме на пролет. Ако сакате многу брз автомобил, а немате половина милион евра, Корветава е вистинскиот автомобил за вас. Според моите проценки, ZR-1 не би требало да чини повеќе од 140 илјади евра во Европа. 755 коњски сили под Вашиот задник за живо џабе.

Бронзен алуминиум во внатрешноста на ZR-1 Sebring Orange.
За љубителите на топлес.

Aston Martin ft. Mercedes AMG – Vantage 2018

Gorgeous little acid green bastard! Вака отприлика би бил мојот опис за најновиот и најмалиот James Bond автомобил. Кога се во прашање убавите автомобили, Aston Martin од секогаш биле на врвот на пиедесталот. Едноставно, незнаат да направат автомобил чиј дизајн нема да мами погледи и воздишки. Убавината за Aston Martin е како мантра, која се повторува со секој нов модел. Како и секој друг производител на спортски автомобили, и тие имаа кризни времиња. Но од денот кога се појави Vulcan, работите тргнаа по нагорна линија. Се појави и DB11, а наскоро ќе се појави и неверојатниот Valkyrie. Ќе прават електричен SUV и само можам да замислам како ќе изгледа новиот Rapide инспириран од Vulcan. Vantage не е само најмалиот и најубавиот. Овој автомобил е директна закана за безвременскиот Porsche 911. Реално Aston Martin нема и никогаш нема да има капацитет сам да му се спротистави на гигантот од Штутгарт. Кога Aston Martin беа во криза и немаа адекватни агрегати за своите нови модели, побараа помош од Mercedes-Benz. Да бидам попрецизен, од AMG. Во тој временски период се појави моделот AMG GT, односно најголемата закана за Porsche 911. Видоа дека добро им оди па го направија и AMG GT R кој е одличен ривал на 911 GT3/RS. Но сепак, нешто недостасуваше. Традиција. Mercedes-Benz и AMG, едноставно немаат таква сјајна и долгорочна кариера на правење супер спортски и GT автомобили. Но Aston Martin има. Германците го позајмија најдобриот мотор на пазарот, 4.0 литарскиот V8, саксонците се погрижија за дизајнот, Porsche е нападнат од две страни, а новиот Vantage е веќе распродаден.

Автомобил со врвно педигре, перформанси и цена од 150 илјади евра (10k помалку од Porsche 911 Turbo). Повеќе од премија. Убавецот е придвижуван од 4.0 литарскиот V8 твин турбо, кој испорачува 503 коњски сили и 685 Nm. Не е силен како поголемиот брат DB11, но не е битно бидејќи е побрз. Од место до стотка оди за 3,6 секунди и развива максимални 315 километри на час. За основен модел, бројките се импресивни. Ама догодина ќе пристигне Vantage со V12 мотор! Засега толку… Едно прашање за крај. Дали го имате гледано филмот Spectre и дали ви текнува на Aston Martin DB10, автомобилот на Џејмс Бонд?

Aston Martin DB 10 – Благодарение на Q, денес го имаме Vantage.

Внатрешноста на Vantage.


Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

 

- Реклама -