Пишувајќи го текстов за новата Toyota Supra, низ глава ми проструи една мисла. Анализирајќи ја мислата, дојдов до неверојатен заклучок. Многумина можеби нема да се сложат со овој мој заклучок, но јас сепак, само за вистинските љубители на автомобили ќе напишам: Дали знаете дека ги живееме најдобрите времиња на автомобиската индустрија? Никогаш порано, во историјата на автомобилскиот свет, немало толку добри автомобили како сега. Оваа брилијантна ера започна пред околу три години со светото тројство (LaFerrari, P1 и 918 Spyder), по што следеше неверојатниот Koenigsegg One:1, па Koenigsegg Regera, потоа наследникот на Bugatti Veyron, хипер автомобилот Chiron со 1500 коњски сили и ултимејт верзијата Huayra BC на Pagani. И кога мислевме дека тоа е се, наеднаш, Пандорината кутија со неверојатни автомобили на наше огромно задоволство се отвори, и ако ме прашувате воопшто не треба да се затвори. Производителите на спортски автомобили, се повеќе се фокусираат на легални тркачки автомобили, на соборување рекорди, на перфектен сооднос на сила и маса, на оживување на легендите. Ford GT, во неверојатен стил, како Феникс се врати на автомобилската сцена и победи на Ле Ман. Топлес LaFerrari со чудно име Aperta, перфекцијата на Red Bull F1 и Aston Martin, со кодно име AM-RB 001, најава за оживување на Mclaren F1 и хипер автомобилот на Mercedes AMG со тежина од 1300 килограми и 1300 коњски сили, засега познат како R50. Кога сме кај Mercedes, тие неодамна го претставија еден од моите најомилени автомобили AMG GT R. Honda, по повеќе од 25 години ни го претстави новиот NSX во тотално ново руво. Во целата оваа приказна на спортски и супер спортски автомобили, недостасуваше еден многу важен автомобил. Конечно, алката која што недостасуваше, култниот автомобил кој беше омилен на многу генерации е тука. Дами и господа, Toyota Supra.
Во Јануари, на саемот за автомобили во Доха, имав прилика одблизу да го погледнам концептот Toyota FT1, кој беше представен како визија на Gran Turismo и Toyota за новата Supra.
На прв поглед, автомобилот изгледа одлично. Дизајнерите направиле одлична работа, но морам да признаам дека помалку наликува на новата Corvette. FT1 по димензии е поголем од легендарната Supra, и е со димензии слични на Viper, но секако постои голема можност архитектурата на финалниот модел делумно да биде променета, па затоа мислам дека 10% помал автомобил е реалната слика. Кога сме кај возните својства, односно мотор, подвозје и некои други круцијални елементи, Toyota тесно ќе соработува со BMW, чиј табор работи на автомобил кој би го заменил најнеуспешниот автомобил од BMW гамата, Z4. Мора да признаам дека ова соединување на прва ми беше многу чудно, но сепак се работи за големи корпорации кои ќе направат дил во стилот на “Lexus да не чепка на некои одредени BMW маркети”. Но, позитивната страна е дека BMW прават извонредни спортски автомобили, и сега немам сомнение дека новата Supra ќе виде одличен автомобил. Платформата и моторот ќе бидат на BMW. За информација, BMW развиваат нов автомобил, кој по се изгледа многу ќе наликува на новата Supra и ќе биде замена за Z4, ќе има поголеми димензии од претходникот и најверојатно ќе го носи името Z5. Сега за сега, се знае дека новиот спортски автомобил на Toyota, ќе биде придвижуван од BMW турбо агрегат со шест цилиндри распоредени во линија, погон на сите четири и најверојатно ќе биде хибрид, односно ќе има електро мотор/мотори. По истиот рецепт ќе се прави и германскиот братучед на Supra, најверојатно со повеќе карбонски елементи во архитектурата. Хибридната технологија ќе биде позајмена од Lexus RC 300h, ќе овозможува повеќе сила но и помала потрошувачка. Во комбинација со бензискиот турбо мотор, новата Supra би требало да има околу 500 коњски сили, што ја става во конкуренција со Porsche 911 и Mercedes AMG GT. Новата Supra, како и легендарната стара Supra ќе биде достапна во купе и кабриолет верзија. Премиерата на новиот автомобил би требало да се очекува во 2018, односно неколку месеци по премиерата на германскиот братучед Z5. Цената за Toyota Supra би требало да биде од 70 до 80 илјади евра. Сестринскиот автомобил BMW Z5, поради разновидноста на агрегатите, ќе има нешто пониска почетна цена.
Сума сумарум, идејава за соработка помеѓу Toyota и BMW е позитивна, но на долгорочен план. Знаеме дека старата Supra важеше за неверојатно издржлив автомобил, чиј мотор издржуваше сериозни модификации. Toyota Supra беше уникатен автомобил, филмска ѕвезда и тјунерско чудо. За BMW, моделот Z5, кој инаку ќе биде идентичен со новата Supra, е само уште еден автомобил со ознака Z кој треба да пополни некое место. Не е премиум модел, како на пример M4, и сигурно не е Supra со целата нејзина светска слава. Nissan со новиот GT-R ја продолжи успешната приказна, и го задржа идентитетот. Новиот NSX, најбавниот супер автомобил, мислам дека ќе ја нема славата на легендарниот NSX, но е препознатлив и уникатен. За новиот премиум спортски автомобил на Toyota, немам сомнение дека ќе биде добар и со добри перформанси, но со сите тие BMW елементи… Дали ќе го зачува идентитетот и уникатноста?