Throttle/Brake – епизода 23: Хипер Focus и најдобриот Елеонор на сите времиња

Ford Focus RS и Ford Mustang Shelby GT 350 R

Image-1 Image-2

Инспирацијата за оваа епизода, ја добив од два настани кои ми се случија изминатава недела. Поконкретно, од краткото но слатко искуство со новата Елеонор, и верувале или не од видео игра. Имено играјќи Forza Motorsport 6, добив покана да учествувам на првиот Forza онлајн шампионат, под покровителство на Ford Performance. И замислете, главната награда е Ford Focus RS. И така играјќи за Ford Focus RS со Ford Shelby Mustang GT 350R, си реков, овие два автомобили дефинитивно заслужуваат да бидат во следната епизода.

Image-3

Групата на автомобили наречени “Hot Hatchback” е една од најпопуларните во светот. Практични, брзи, економични, со прифатлива цена и добар спортски изглед. Со други зборови, не ви требаат милион долари да возите автомобил со спортско срце.

Image-4

Кога Volkswagen со Golf R, ги постави новите стандарди во класата хот хеч, челниците на Ford немаа друго решение освен да го направат Focus RS побрз и поконкурентен. И покрај силата од 300 коњски сили, погонот на предните тркала беше огромен хендикеп за Фокусот. Во намерата да се направи нов, ултимејт Focus RS, инженерите на Ford Performance, беа инспирирани од Ford Escort RS Cosworth, Nissan GT-R и соработуваа со Кен Блок. Резултатот е новиот Ford Focus RS, со 350 коњски сили, погон на сите четири тркала и дрифт мод.

Стариот 2.5 литарски мотор, е заменет со 2.3 литарскиот EcoBoost со четири цилиндри и турбо, кој испорачува 350 коњски сили и 475 Nm влечна сила. За волја на вистината, EcoBoost моторот со четири цилиндри е оној истиот како кај Mustang, но е засилен за 40 коњски сили. Главната новина кај новиот RS, е погонот на сите четири тркала и финта системот за векторска распореденост на влечната сила. За што точно се работи? Кај конкуренцијата и кај некоеи други автомобили, AWD системот работи со помош на сопирачките, односно делумно се запира предното тркало кое се наоѓа на внатрешната страна во свиокот, со што автомобилот подобро влегува во свиоците. Но, сите знаеме дека кога се употребуваат сопирачки, автомобилот забавува. Кај Ford, DTC системот всушност работи спротивно, односно додава сила на задното надворешно тркало, го забрзува, со што ја турка задницата во потребната насока со цел да се совлада еден свиок. Focus RS може да пренесе дури 70% од целокупната влечна сила на задната оска, а токму таму, со помош на електронски квачила, таа сила кога е потребно (кога е во дрифт мод) се пренесува и до 100% на едно од задните тркала. Од Ford тврдат дека овој напреден систем, не само што го намалува занесувањето и завлекувањето во свиоците, туку и му овозможува на Focus RS да се движи низ свиоците прецизно и со странична сила на забрзување од 1g. Прецизното управување исто така се должи на Michelin Pilot Super Sport пневматиците кои ги обвиваат 19 инчните тркала, задниот спојлер и дифузер, кои обезбедуваат плус аеродинамика и downforce. Масата на автомобилот изнесува 1560 килограми. Менувачот е шест степен мануелен, перфектно подесен за да го извлекува максимумот од моторот. Перформансите се приказна за себе. Ford Gocus RS од место до стотка забрзува за 4,6 секунди, 1/4 милја ја поминува за 13,4 секунди, а максималната брзина е лимитирана на 265 километри на час. За запирањето на автомобилот се грижат 350 милиметарските вентилирачки сопирачки со четири клипови. Новиот Ford Focus, на возачот му нуди четири различни модови на возење: нормален, спорстки, тркачки и дрифт. При услови на нормално возење или одење на пазар, Focus RS е цивилизиран и тивок. Доколку ја одберете опцијата Sport или Race, автомобилот се претвора во болид и почнува да звучи како мешавина од DTM и WTCC автомобил. Дрифт модот е исто така новитет, и е развиен во соработка со најдобриот комерцијален дрифтер и рели возач, Кен Блок. Интересно е дека дрифтањето со овој автомобил е многу лесно и прецизно, што ве тера да мислите дека се работи за супер спортски автомобил.

Image-5

За вкусови и за убавина не се дискутира, па затоа ќе напишам, што јас мислам за дизајнот на новиот Ford Focus RS. Ако го споредиме со ривалите, овој автомобил изгледа далеку подобро и поспортски од конкуренцијата. Преубавата сина боја, која за мене е единствениот избор за оовој автомобил, агресивната предна маска и задниот дел, задниот спојлер, дифузерот кој му дава лик на тркачки автомобил го прават Фокусот да отскокнува. Honda Civic Type R на пример, изгледа премногу спортски но и премногу глупаво. Внатрешноста е дури подобра и од таа на Mustang Shelby GT 350 R. Перфектни Recaro када седишта обложени со алкантара, кожа, фини материјали, спортски стил и добар интерфејс на дисплејот.

Image-6

Цената на новиот Ford Focus RS е 38.000 евра, што за хот хеч автомобил е малку висока. Колку за утеха, Golf R и Subaru WRX STI се поскапи, но не и подобри. Според сите параметри за еден спортски автомобил, Ford Focus RS е дефинитивно најдобриот во својата лига, а можеби и надвор од неа. Браво за Ford.

Image-7 Image-8 Image-9

Ford Shelby Mustang GT 350 R

Се сеќавате ли на филмот Gone in sixty seconds? Се сеќавате ли на најважниот автомобил кој Николас Кејџ требаше да го украде Shelby GT 350? Елеонор? Пред неколку дена, и јас имав прилика барем на пет минути да бидам Николас Кејџ, ама во најновиот Елеонор – Ford Shelby Mustang GT 350 R.

Image-10

Ознаката GT 350 за првпат се појавува во 1965 година, кога Карол Шелби, по барање на Ford, прави верзија на Mustang со врвни перформанси. Од 1969 година па се до 2011, ознаката GT 350 не се употребуваше. Во 2011 Shelby ја модифицираше петтата генерација на Ford Mustang и од автомобилот направи чудовиште кое тешко се контролира.

Новиот Ford Shelby Mustang GT 350 R е многу повеќе од автомобил кој е брз само на правец. Сега фокусот е брзина на тркачките патеки. Прва работа што ќе ви го привлече вниманието кај овој автомобил е звукот. Неверојатен звук кој доаѓа од најсилниот атмосферски мотор на Ford. Ако има оскари за мотор кој произведува најдобар звук, овој ќе биде оскаровецот. Ве уверувам, не сте слушнале досега такво нешто. Слободно можам да кажам дека GT 350 R го има најдобриот издувен систем помеѓу спортските автомобили засега. Ако грешам поправете ме.

Под хаубата се наоѓа најдраматичната промена која е направена на овој автомобил. 5.0 литарскиот V8, Којот мотор од Mustang GT е фрлен во канта за ѓубре, и на негово место е вграден најмоќниот атмосферски мотор на Ford, 5.2 литарскиот V8 кој испорачува 526 коњски сили при високи 8259 вртежи и 582 Nm влечна сила. Да бидам искрен, се работи за легален-тркачки мотор. Менувачот е ултра лесен, мануелен со шест брзини и целата сила се менаџира преку специјалниот Torsen диференцијал кој е секако одработен во Ford Performance и Shelby. Издувниот систем, како што кажав е ремек дело и е специјално направен за овој автомобил. Резултатот е… Најдете видео на YouTube од овој автомобил и се ќе ви стане јасно.

По многу години поминати со старомодната задна суспензија, односно зависна задна оска, која всушност е една шипка која ги поврзува двете задни тркала, Ford се одлучи да ризикува и да направи своја независна задна суспензија. Ризикот се покажа како прав чекор, и со новата независна задна суспензија, GT 350 R се однесува како легален тркачки автомобил. Ригидноста и цврстината, во однос на претходникот е зголемена за 28%, благодарение на специјално засилената независна магнетна суспензија на сите четири тркала и MagneRide дамперите, кои за првпат Ford ги вгради во овој автомобил. За да Ви биде појасно, системот со магнетна суспензија кај овој автомобил е многу сличен со оној кој се користи во Ferrari 458 Italia. Тркалата се 19 инчни, направени од карбон фибер, а во нив се наоѓаат најдобрите сопирачки кои Ford некогаш ги користел. Двојни вентилирачки дискови, 15.5 инчи напред и 14.9 инчи назад, со шест односно четири клипови и Brembo шепи. Масата на автомобилот е 1680 килограми. За разлика од претходникот, на овој Shelby предницата и задниот дел се модифицирани, и вграден е сериозен аеродинамичен пакет кој произведува повеќе downforce од 911 GT3 при сто километри на час. Забрзувањето од место до стотка е за 3,5 секунди а максималната брзина е 305 километри на час. Интересно е што од Ford тврдат дека Mustang Shelby GT 350 R на тркачка патека е побрз од Porsche 911 GT3. Се надевам дека во блиска иднина ќе видиме. Сите овие неверојатни бројки и суперлативи, Ford во Европа ви ги нуди за “само” 82.500 евра. Да бидам искрен со Вас, доколку би ги имал овие средства на располагање за автомобил, воопшто не би размислувал и би се упатил кон најблискиот дилер на Ford. Само за споредба, цената на Ferrari 458 Italia со 562 коњски сили е 200.000 евра. Уште еднаш браво за Ford, баш им тргна годинава.

Image-11 Image-12 Image-13 Image-14

Брацо Моралиќ
Брацо Моралиќ

- Реклама -