Изборите во САД завршија и ние продолжуваме од каде што застанавме. Модифицирани автомобили. Изминатата недела во Лас Вегас се одржа SEMA 2016, најголемиот саем за тјунирани автомобили во тој дел од светот. Бидејќи и ние зборуваме за тјунинг, ќе направам еден микс од најдобрите автомобили на SEMA 2016 (според Throttle/Brake) и плус некои врвни тјунирани автомобили кои ми фатија око.
Toyota Land Speed Cruiser
Дефинитивно мојот број еден за оваа година. Од време на време на работа се среќавам со Land Cruiser и можам да кажам дека е добар теренец со силен мотор. Ги имам видено и возено во многу варијанти и изведби. Е сега, замислете еден таков џип Land Cruiser VXR 5.7 V8 со 2000 коњски сили. Да, 2000!!! И брзина од 355 километри на час. Овој ѕвер е дело на TRD – Toyota Racing Development со помош на огромните турбо полначи позајмени од Garret. Моторот е истиот V8 5.7 литарски, засилен со твин турбо. Прашање за Вас… Доколку би сакале да тјунирате автомобил кој би одел преку 350 километри на час, дали би ви паднало на памет тоа да биде Land Cruiser?
Mazda MX-5 Speedster
Браво за Zoom Zoom. Најубавата Miata што некогаш сум ја видел. Можеби се прашувате зошто го избрав баш овој автомобил? Признавам дека имаше многу помоќни и поубави автомобили на SEMA но ова беше љубов на прв поглед. А и перформансите на оваа Miata не се за потценување. Олеснета е за цели 160 килограми и ставена е на тркачка MX-5 Cup суспензија и 17 инчни RAYS тркала. И тоа е доволно за оваа убавица да се движи низ свиоците како картинг. А и некако ми го враќа филмот на легендарната трка Тарга Флорио и Ferrari 166.
Alpina B7
И BMW има свој Brabus и се вика Alpina. За тие што не се запознаени со Alpina, да ве запознаам. Alpina е тјунерска компанија многу блиска на гигантот BMW и има ексклузивни права за модификација на најголемиот модел на BMW. Како што знаете автомобили со ознака M има во сите серии освен во серијата 7. Тоа е задача на Alpina која достојно ја врши со години. Покрај агресивната надворешност, вистинската магија се случува под хаубата. 4.4 литарскиот V8 е засилен за цели 155 коњски сили и има равни 600!!! Бидејќи B7 е достапен само со погон на сите четири или xDrive, од место до стотка оваа голема лимузина се катапултира за 3,6 секунди и има максимална брзина од 310 километри на час. И додека сите некако негодуваат зошто BMW својата најсилна класа ја остава на цедило алудирајќи на M7, мене оваа цела игра на ексклузивност со Alpina ми се допаѓа.
Hennessey Corvette ZO6 HPE1000
Hennessey Performance во светот се најпознати по своето ремек дело Venom GT (автомобил базиран на Lotus Exige). Но дали знаевте дека тие се и едни од најдобрите тјунери на Корвети? Седмата генерација на култната Корвета и самата по себе, односно фабрички е навистина моќен автомобил. Но, луѓето кои го имаат најбрзиот автомобил во светот, решија да направат една брутална Корвета од 1000+ коњски сили. Поточно 1020 коњски сили. Забрзува од место до сто километри на час за 2,5 секунди. На тестирањата, постигната е брзина од 355 километри на час, но од Hennessey тврдат дека автомобилот може уште.
Porsche 9ff GT9R
Добредојдовте во 9ff. Доколку имате желба, тие ќе ви овозможат вашето 911 да достигне неверојатна брзина од 420 километри на час. Добро читате! 4.0 литарски мотор засилен со твин турбо, кој произведува 1140 коњски сили. Брзина од 420 километри на час. До стотка за 2,9 секунди. Дали знаевте дека овој автомобил е побрз од стандардниот Bugatti Veyron? Но тоа не е се! Ако не сте до толку екстремни, 9ff за Вас имаат опција (GT9 CS) со 750 коњски сили. За секој ден.
Renault Espace F1
За крај нешто откачено. Во далечната 1994 година, опиени од успехот на комби моделот Espace, Renault и Matra, во момент на лудило го прават најневеројатното комбе во светот, Renault Espace F1. Две муви со еден удар, односно F1 мотор во фамилијарно комбе. Генијално. Сместен во средината, 3.5 литарскиот V10 мотор испорачувал од 710 до 830 коњски сили. За разлика од фамилијарното комбе, ова комбе е направено од карбонски влакна и тежи само 1300 килограми. До стотка забрзува за 2,8 секунди, а благодарение на керамичките кочници, процесот 0-300-0 го прави за 600 метри. Unbelievable.
Renault Espace F1 во акција.