Наследникот на McLaren 650S. За првпат од своето постоење, McLaren ќе замени еден од своите модели со сосема нов автомобил, како што на пример, Ferrari 488 GTB го замени моделот 458 Italia. F1, MP4-12C и P1 немаат наследници. P14 или 720S ќе биде првиот од 15-те автомобили на McLaren што треба да се појават до 2022 година. Ќе биде претставен во Март, на саемот за автомобили во Женева и ќе има двапати поефикасна аеродинамика од сегашниот 650S/675LT. Таа ефикасност, како што велат од фабриката, се должи на низа нови аеродинамични решенија и технологии, кои гарантираат неверојатна стабилност и грип. На првата официјална фотографија од задниот дел на P14, може да се забележи активно крило, технологија што досега беше резервирана само за P1. Крилото како воздушна кочница, се распоредува до најекстремниот свој агол за само половина секунда. Покрај запирањето, негова задача е и да го лепи задниот дел на P14 за асвалтот. Ладењето е подобрено за цели 15% во однос на претходникот, а имплементирана е и нова паметна технологија за повеќе downforce во предниот дел. За што станува збор? Најпросто кажано, вратите на новиот P14 дихтуваат (пропуштаат воздух), и тој воздух кој се создава, преку специјални радијатори се усмерува кон предните крила (каде што се наоѓаат тркалата) за да се зголеми силата која ќе го притиска автомобилот кон подлогата. Шасијата наречена Monocage II, е исто така новитет. Направена е од јаглеродни влакна, поставена е пониско и нуди подобар пристап на возачот.
Благодарение на Monocage II, P14 тежи само 1283 килограми. Тоа е скоро 200 килограми помалку од својот најголем конкурент Ferrari 488 GTB. Во средината на автомобилот и понатаму ќе стои V8 твин турбо, но волуменот на 3.8 литарскиот агрегат за наследникот P14 ќе биде зголемен на најверојатно 4.0 литри, и прилично засилен во однос на претходникот. Судејќи по неговото друго име “720S”, кое најверојатно ќе биде и официјалното, и досегашната филозофија, P14 би требало да има околу 720 коњски сили. Нели, 650S имаше 650 коњски сили. Забрзувањето и максималната брзина се сеуште непознати, но можеме да си земеме слобода и да направиме една проста математика. Ако 650S до стотка забрзува за 3 секунди и има максимална брзина од 333 километри на час, тогаш P14 до стотка би одел за помалку од 3 секунди, а максималната брзина би ја надминувала границата од 350 километри на час. Знам што ви се мота низ главите додека го читате ова, и да, во право сте. P14 или 720S ќе биде сосема различно животно од 650S или конкурентниот Ferrari 488 GTB. Ако McLaren P1 е нескротлив, а 650S е брз, тогаш P14 е многу брз и прецизен. Најинтересно е што неименуван фактор од фабриката на McLaren, наводно има изјавено дека P14 е всушност побрз од P1 на тркачка патека!?
Видео: McLaren P14/720S.
Кое е најекстремното Porsche 911? Одговорот е GT2 RS. Прво, за тие што не знаат за што станува збор, да објаснам накратко. Porsche 911 се придвижувани од два типа на агрегати: атмосферски и турбо мотори односно Carrera и Turbo. Најекстремниот модел на 911 со атмосферски мотор е GT3 RS. Ние денеска ќе зборуваме за најновиот и најекстремниот модел на 911 кој е придвижуван од турбо мотор, Porsche 911 GT2 RS.
Забележан е за време на тестирање на патеката Нурбургринг, а очевидците видно возбудени велат дека е многу, многу брз. Последниот модел на 911 GT2 RS беше од ерата на 997, имаше нешто над 600 коњски сили и беше ментален. Во автомобилската јавност е познат и како The Widowmaker. Благодарение на информациите кои протекуваат од фабриката на Штутгартскиот гигант, знаеме дека 911 GT2 RS од ерата 991.2 ќе има околу 700 коњски сили и ќе позајмува многу аеро детали од моделите GT3 и GT3 RS. Огромното задно крило како кај тркачкиот 911 RSR и крилцата на браниците, откриваат дека 911 GT2 RS ќе биде соодветно оружје за тркачките патеки.
Ќе биде придвижуван од најсилниот линиски мотор со шест цилиндри на Porsche. GT3 RS има 500 коњски сили од истиот 4.0 литарски атмосферски мотор. Благодарение на магијата наречена твин турбо, GT2 RS ќе го туркаат околу 700 коњски сили. Дека станува збор за легален екстремен 911, говори фактот дека силата од моторот ќе се пренесува на задните тркала. Единствената мистерија околу овој автомобил е менувачот. Сеуште не е познато дали Porsche ќе го направат автомобилот само со PDK менувач, како братот GT3 RS, или ќе изненадат и со стариот добар мануелен.
Porsche 911 GT2 RS 991.2 ќе биде многу посебен автомобил. Ќе биде најбрзиот и најекстремниот 911 досега и ќе одбележува крај на една ера. Од економски аспект, GT2 RS ќе биде зделка на векот. На пазарот ќе се појави во лимитиран број, од најверојатно 500 примероци, и со цена од околу 240-250 илјади евра, која поради ексклузивноста на овој модел, во колекционерските кругови само ќе расте. Конкуренција? McLaren P14 и Ford GT. Дали ќе го видиме во Женева наредниот месец? Можеби. Ако не, ќе почекаме до 2018. Има многу гласини дека и тркачкиот 911 RSR, со мотор во средина ќе стане легален автомобил, и ќе се појави во ултра лимитирана серија од 30 примероци. Вреди да се чека.
Видео: Porsche 911 GT2 RS на Нурбургринг.