Throttle/Brake – епизода 47: Дефинитивно најскапиот и можеби најбрзиот…

Се сеќавате ли на Lamborghini LM-002? Теренско возило (SUV/SUT) од средината на осумдесеттите со V12 мотор?Никогаш не сте слушнале? Не грижете се, не сте сами, бидејќи иако се работи за Lamborghini, теренецот во тој временски период, скоро и да бил маргинализиран. Го купувале будали со многу пари и колекционери кои верувале дека неговата цена ќе расте како што ќе одминуваат годините. Но зошто?  Затоа што тогаш, теренците беа грди, робусни и  служеа само за одење по планини или за сафари. Но времињата, вкусовите и технологијата се сменија, и SUV сегментот, денес е еден од најпопуларните и најпродаваните. Само за споредба, Porsche Cayenne е најпродаваниот модел на гигантот од Штутгарт. Со најновиот теренец на Lamborghini, одењето на сафари и по планини можеби ќе биде лимитирано, но дефинитивно ќе го постигнете ефектот “All eyes on me”. 

Lamborghini Urus е повеќе од SUV. Како што велат од фабриката, Urus е супер спортски автомобил, во тело на SUV. Ова тврдење е поткрепено со фактот дека Ламбо теренецот под хаубата ќе има 4.0 литарски битурбо мотор кој ќе испорачува повеќе од 600 коњски сили и 800 Nm на сите четири тркала, преку автоматскиот менувач со дупла спојка. Не е исклучена и можноста, Urus да биде првиот модел од гамата на Lamborghini кој ќе користи и хибридно напојување, што значи уште повеќе сила. За подобра управливост и полесно маневрирање низ густите градски средини, теренецот ќе го позајми револуционерниот (Four wheel steering system), од најновиот Aventador S, и електронски амортизери. Засега, за перформансите толку. Ќе мора почекаме уште некој ден до Женева. 

Иако Urus изгледа феноменално и ветува сериозни перформанси, јас мислам дека Lamborghini прават грешка. Сите знаеме дека италијанскиот производител на спортски автомобили е познат по две нешта: неверојатен дизајн и V12 моторите. Уште пред три години, кога за првпат слушнав за Urus, реков, браво, ќе направат теренец со неверојатен дизајн и V10 мотор, односно моторот што се вградува во помалиот Huracan. Никогаш не ни помислив дека ќе Urus ќе има V12-ка. Но 4.0 литарски мотор од Audi? Неее!!! Разбирам дека Urus е моделот што треба да донесе пари, но ве молам, Lamborghini не е Audi. Замислете, Bentley има SUV со V12 мотор, но не и Lamborghini. Дискутабилна е и цената на Lamborghini Urus од 220 илјади евра (сигурно 20 илјади повеќе) за супер спортскиот автомобил во тело на SUV со 4.0 литарски мотор од Audi. Да не се разбереме погрешно, Urus е преубав и можеби ќе биде најбрзиот SUV досега, само не е Lamborghini.

Mercedes-Maybach G650 Landaulet.

За Landaulet, нема дилеми. Тој е дефинитивно најскапиот и најлуксузниот теренец во светот. Кога веќе сакате да одите на сафари, одете како крал. Во буквална смисла. Што е всушност Maybach G 650 Landaulet? Веројатно, G63 AMG 6×6 и G500 4×4 на квадрат, не беа доволно екстравагантни моќни, па одделот за луксуз и лудило (Maybach) реши да ја превземе работата во свои раце. 

За разлика од претходните две G-Wagen чудовишта кои имаа V8 мотори, кралскиот Landaulet е придвижуван од твин турбо V12, кој испорачува 630 коњски сили и 1000 Nm на сите четири тркала. Комплексниот погон на сите четири тркала го опслужуваат три различни диференцијали, односно еден во предната оска, во средината и на задната оска. На пример, доколку сакате да искачите многу стрмен предел и трите тркала ви се во воздух, нема потреба од паника, бидејќи комплексниот и паметен погон на Landaulet ќе ја премести потребната сила на само едно тркало. 

Внатрешноста е најсилната страна на Landaulet. Најпрефинетите материјали на Maybach, многу комфор за патниците и мек кров од префинета кожа кој може електронски да се придвижува. Дури и ако возачот застрани на немилосрден терен, патниците одзади “нема да осетат”. 

Само 99 екстравагантни грдосии ќе бидат произведени, од кои сигурно 90 ќе го најдат својот дом во пустините на заливските земји. Колку чини еден Mercedes-Maybach G650 Landaulet? 850 илјади евра!!!

Во претходните епизоди, пишував за гласините дека Lamborghini Huracan Performante ќе го собори рекордот на Porsche 918 Spyder на патеката Нурбургринг… Каде има чад, има и оган. Драги мои, најбрзиот сериски автомобил на патеката Нурбургринг, Lamborghini Huracan Performante (06:52.01). Уживајте.

Видео: Lamborghini Huracan Performante во акција.

Пишува: Брацо Моралиќ
- Реклама -