Кога ќе се спомене караван, веднаш помислуваме на некој бавен, досаден, натоварен автомобил, со линии кои изобилуваат со рабови. Во минатото, Volvo со моделот 850r Wagon и Audi RS2, беа први кои го разбрануваа автомобилскиот свет, одејќи контра јавното мнение за караваните. Следуваше иконата на брзите спортски каравани, Audi RS6, а денес, односно за ден-два, во Женева ќе биде претставен најспектакуларниот и можеби најбрзиот караван досега, Porsche Panamera Sport Turismo.
Porsche… Со секој нов модел на автомобил излезен од нивната производна линија, сфаќате колку е брилијантна нивната работа. Беа први со Cayenne, 918 Spyder и секако сите знаеме за ликот и делото на 911. Сега се први и со спортски караван.
Porsche Panamera Sport Turismo е всушност Panamera со продолжен заден дел, односно поголем багажник и повеќе простор за главите на патниците на задната клупа. Новитет е задната клупа со три седишта, која сепак морате да ја жртвувате доколку сакате да пристапите до функциите за подесување на двете странични седишта на задната клупа. Активниот заден спојлер не е никаква новина за Porsche, но овој додаток кај Sport Turismo е позициониран на покривот на автомобилот под агол од минус седум степени. Во услови на тркачка патека, крилото може да оди и до плус еден степен во нагорна линија. Од Porsche гарантираат подобрени возни својства и многу помалку бучава доколку се возите со отворени панорамски стакла. Внатрешноста како и кај седан верзијата е фантастична и наликува на микс од ентериерот на 918 Spyder, Cayenne и 911 R.
На крајот на денот, тоа што најмногу нé интересира се перформансите. За почеток Sport Turismo ќе се понуди во четири верзии: Panamera 4, со 3.0 литарски V6 турбо мотор со 330 коњски сили; 4S со 2.9 литарски твин турбо V6 со 440 коњски сили; 4 E-Hybrid со 2.9 литарски твин турбо V6 и електричен мотор од 136 коњски сили за максимални 462 коњски сили и Panamera Sport Turismo Turbo со 4.0 литарски V8 твин турбо со 550 коњски сили. Погон на сите четири тркала ќе се вградува во сите Sport Turismo модели. Менаџирањето на брзините ќе се спроведува преку најновиот PDK (Porsche double clutch) менувач со осум степени. Веројатно најимпресивниот податок засега, е бруталното забрзување на моделот Turbo. Од место до стотка, Sport Turismo Turbo со 550 коњски сили, ќе забрзува за 3,4 секунди. Тоа е побрзо од Aston Martin Vanquish, Chevrolet Corvette ZO6, BMW M4 GTS, Audi R8 5.2, Ferrari California, Ferrari F50 и Audi RS6 кој до стотка забрзува за 3,7 секунди. Моделот Turbo, ќе престане да забрзува откако ќе достигне 305 километри на час. Во зависност од моделот, цените ќе се движат од 95 до 150 илјади евра. Дали во иднина ќе има Porsche Panamera Sport Turismo Turbo S? Секако, ќе биде хибрид и ќе има преку 600 коњски сили.
Останете со Throttle/Brake, следува саемот за автомобили во Женева…