Чукна историскиот час за автомобилската индустрија. Почетокот на најфеноменалната ера започнува со саемот за автомобили во Женева. А таму…
Aston Martin Valkyrie
Aston Martin, Адријан Њуи и Cosworth направија автомобил наменет за некоја друга димензија. Ако Aston Martin Vulcan беше шокантен, Valkyrie е просто неверојатен. Велат, има перформанси слични со оние на болидот на Марк Верстапен. Инаку, станува збор за целосно легален автомобил, кој ќе учествува во секојдневниот сообраќај. Замислете, автомобил од некоја друга димензија, во секојдневен сообраќај, стои до вас на семафор.
Зошто баш Valkyrie?
Aston Martin и буквата “V” имаат долга историја. Традицијата започнува во далечната 1951 година со моделот Vantage. Следуваат Virage, Vanquish, Vulcan и Valkyrie. Но нас не интересира што се се наоѓа под тој вонземски дизајн од јаглеродни влакна.
Срцето на “ултрамобилот” е 6.5 литарски, атмосферски мотор од Cosworth, кој ќе произведува 850 коњски сили. Знаеме дека Valkyrie ќе биде хибрид, така да 150-те плус коњски сили ќе бидат испорачани од ултра лесен електро мотор од Rimac, за кој сеуште не се знае каде ќе биде поставен. Со целата таа сила ќе менаџира Ricardo, седум степен менувач со палки, најверојатно позајмен од F1. Од Aston Martin тврдат дека Valkyrie ќе има сразмерност на силата и тежината 1:1, односно 1000 коњски сили и исто толку килограми. Најголемиот преседан е бројката од 1815 килограми downforce кој поминува низ автомобилот (без крило) и страничните G сили чиј максимум достигнува 4g. За пример, McLaren P1 во свиоците достигнува максимални 2g. Неверојатно!
Моите проценки се дека максималната брзина на Valkyrie нема да ја надминува бројката од 400 километри на час поради екстремниот downforce, но од место до 320 километри на час ќе оди за 10 секунди. Запрепастувачки бројки!
Запирањето на еден автомобил кој достигнува вакви вртоглави бројки е многу деликатна работа. Затоа инженерите од Alcon и Surface Transforms ги имаат развиено најлесните и најефикасните сопирачки и дискови кои ќе се вградат во еден сериски автомобил. За да се достигне максимална динамика, ефикасност и перформанси, луѓето од Bosch се задолжени за низа специјално изработени системи: ECU (Electronic Control Unit), TCU (Transmission Control Unit) и специјален систем за стабилност (ESP).
Ќе бидат направени само 150 легални ултра автомобили по цена од 3000000 евра, и 25 нелегални, односно тркачки примероци. Ако McLaren P1, LaFerrari и Porsche 918 Spyder беа хипер автомобили, Valkyrie ќе биде ултра автомобил.
Покрај неверојатниот Aston Martin Valkyrie беа претставени и доста други интересни автомобили. Некои од нив сосема нови, некои освежени, а имаше и римејк на еден легендарен спортски автомобил. По Valkyrie, најинтересни беа супер спорт сериите Lamborghini Huracan Performante и McLaren 720S (посебно верзијата MSO), кои ќе бидат ставени на двобој буквално секаде, се до појавата на некоја поагресивна верзија на Ferrari 488 GTB.
За мене, најпријатно изненадување беше римејкот на легендарниот Alpine A110.
Renault го воскресна легендарниот спортски автомобил од 60′ и 70′ години од минатиот век. Во негова чест, новиот симпатичен автомобил ќе го носи името Alpine A110.
Новиот спортски автомобил со две седишта ќе се најде на пазарот наредната година со почетна цена од 50 илјади евра.
A110 ќе има централно поставен 1.8 литарски турбо мотор со четири цилиндри, кој ќе испорачува 250 коњски сили и 320 Nm, кои ќе ги придвижуваат задните тркала со помош на седум степен автоматски менувач со дупла спојка. Шасијата на Alpine A110 е направена од алуминиум и целиот автомобил има маса од само 1080 килограми, што значи дека Porsche 718 Cayman S ќе има сериозна конкуренција. Од место до стотка, A110 забрзува за 4,5 секунди, додека Cayman S за 4,6 секунди. Максималната брзина на Alpine е лимитирана на 250 километри на час.
Внатрешноста на автомобилот е внимателно селектирана, и користени се високо квалитетни материјали како карбон, алуминиум и кожа, дигитална контролна табла, но сепак може да се види присуството на Renault.
Познавајќи ја работата на францускиот производител, јасно е дека во блиска иднина ќе видиме и поагресивна верзија на Alpine A110, со ознака RS. Останува прашањето, дали Alpine A110 е толку добар, за да ве освои и да не купите Porsche 718 Cayman S?