Во моментов во автомобилскиот свет се случува еден редок феномен, да супер автомобилите се подобри од хипер генерацијата во заминување. Дали е навистина така? Јас мислам, да. Зошто? Поевтини се, подостапни, позабавни за секојдневно возење и осигурувањето за нив не чини милиони. Но, дали се побрзи? Ако им верувате на Lamborghini, да.
Lamborghini Huracan Performante
Официјално најбрзиот автомобил во светот на патеката Нурбургринг. Цели пет секунди побрз од хиперот Porsche 918 Spyder. По објавувањето на видеото каде Performante го соборува рекордот на 918 Spyder, се покренаа лавини од коментари, од кои повеќето беа негативни. Lamborghini се бранеа со некои телеметрички податоци и нови технологии. Кога една генерација на хипер автомобили си заминува и треба да биде заменета со нова, прво се појавуваат под моделите, односно Super Series, кои се неверојатно брзи и опремени со последна технологија. Ако се сеќавате, Ferrari Enzo царуваше на тркачките патеки, се до појавувањето на под моделот 458 Italia. Во исчекување на големото шоу (новата генерација на хипер автомобили), ова се главните ѕвезди.
За Lamborghini Huracan Performante пишував многупати во претходните епизоди. Од саемот во Женева па наваму, Performante е еден од најважните автомобили во светот. Целата мистерија околу херојскиот подвиг на Нурбургринг, и карбонските компоненти со изглед на работна површина на кујнски елементи, го прават овој автомобил да биде нешто што можеби и не е. Од футуристички аспект, Performante е многу значаен за Lamborghini и нивните идни супер автомобили. Таа “фамозна” аеродинамика се покажа неверојатно добра во пракса, што значи дека идните Ламбо модели ќе располагаат со веќе проверена и одлична аеродинамика. Од аспект на убавина, Huracan Performante е еден прекрасен автомобил. Од изборот на бои и материјали, па се до откачените карбонски елементи кои наликуваат на работни површини на кујнски мермерни елементи.
Од аспект на херојскиот подвиг на Нурбургринг и перформансите постојат многу сомнежи ширум светот. Но, за мене тоа не е толку битно. Автомобилот е навистина брз. Можеби возачот на Lamborghini е подобар од оној на Porsche?! Можеби тој ден температурата на патеката била идеална?! Постојат навистина многу “можеби” исто како што има и многу контра аргументи. Факт е дека Performante го има истиот 5.2 литарски атмосферски V10 мотор, засилен за 30 коњски сили во однос на “обичниот” Huracan. Со вкупни 640 коњски сили и 600 Nm, и тежина намалена за 40 килограми, Performante од место до стотка забрзува за 2,9 секунди и развива максимални 325 километри на час. Скромни бројки за еден денешен супер автомобил. Тогаш, што е тоа што го прави Huracan Performante толку брз на тркачките патеки? Токму скромните бројки и сериозната Aerodinamica Lamborghini Attiva (ALA). Силата и аеродинамиката се избалансирани скоро до совршенство. Земете го како најдобар пример Dodge Viper ACR. Доколку фрлите поглед на задниот дел на автомобилот, односно на задното крило, ќе забележите дека е статично. Но, не е. Кога на Performante му треба downforce, флапсовите во предниот и задниот дел се затворени, со што автомобилот останува залепен за патот. Кога му треба брзина, специјални електро мотори ги отвараат флапсовите за да Huracan јуриша до 325 километри на час. Неверојатен податок е дека задното статично/активно крило на Performante генерира 750 проценти повеќе downforce од задницата “стандардниот” Huracan. Како и да е, најбрзиот Lamborghini автомобил веќе се наоѓа во продажба, и верувам дека нема да помине многу време додека да го видиме Performante на директен двобој со неговите конкуренти, па дури и со Porsche 918 Spyder. Почетната цена за најдоброто Ламбо досега ќе биде околу 250 илјади евра. Но, дали Lamborghini Huracan Performante е подобар супер автомобил од McLaren 720S?
McLaren 720S
Дојде време полека да се збогуваме од 650S, и да му кажеме добредојде на најновиот, многу попаметен и поубав 720S. Ако во 2009 година, како камбек, супер серијата на McLaren, MP4 12c доживеа дебакл, 650S беше корекција и ветување дека фабриката е на вистинскиот пат. Моделот 675/Long Tail беше вистинско пријатно изненадување за љубителите на супер автомобили, поради неговите извонредни перформанси. Но, 720S е многу повеќе. Тој е предвесник, предвесник на една нова брилијантна ера на McLaren. P1 е брутален, а 720S е многу паметен автомобил. Толку паметен, што би ми требала една цела епизода, за да Ви напишам за сите негови паметни функции. За волја на вистината, токму луѓето од McLaren тврдат дека “паметниот” е исто толку брз како и “бруталниот”, а можеби и побрз на тркачка патека. Гледате како автомобилите еволуираат од брутално моќни, кон многу, многу попаметни. Исто како во случајот со Lamborghini Aventador SV и Huracan Performante. Време е да ѕирнеме под таа портокалова карбонска надворешност.
Многумина веруваат дека срцето на 720S е позајмено од претходникот 675 LT и засилено, но всушност делумно новиот 4.0 литарски V8 битурбо мотор е за 40 проценти различен, односно составен од сосема нови компоненти. Овој мотор испорачува максимални 720 коњски сили и 795 Nm. До стотка, исто како и Performante, забрзува за 2,9 секунди, до 200 за 7,8, а до 300 километри на час за 21,8 секунди. Максималната брзина му е 341 километри на час. Масата, во однос на 650S е намалена за 18 килограми, и 720S тежи “само” 1283 килограми.
Најдобрите карактерни црти на овој автомобил се наоѓаат на неговото преубаво тело, кое е сплет на генијални аеродинамични решенија. Почнувајќи од крилестите врати, кои се всушност дифузери и имаат огромна улога во целата таа аеро приказна. Предните светла, во кои ако се загледате убаво ќе забележите дека се само една мала, тенка линија од лед светилки, додека останата празнина служи за downforce и ладење. Генијално нема што. Сосема ново е задното активно крило, чија ефикасност е за 30 проценти поголема во однос на тоа кај претходниот модел. Сума сумарум, 720S произведува 50 проценти повеќе downforce и 15 проценти повеќе воздух за ладење во однос на 650S. За што подобро тркачко искуство и подобра управливост, намален е и центарот на гравитација на автомобилот. Седењето е многу пониско, но комодитетот при влегување и излегување од автомобилот е врвен, благодарение на револуционерното решение со крилестите врати кои се отвараат во стилот на легендарниот Ford GT40.
Внатрешноста е типична за еден McLaren. Вистинската внатрешна и надворешна убавина ќе ја доловите само доколку го посетите MSO (McLaren Special Operations). Секако, тоа разубавување дополнително ќе ја шокира вашата сметка во банка, бидејќи за “основниот” модел ќе треба да издвоите околу 260 илјади евра. Прашањето за милион долари… Кој е подобар, Lamborghini Huracan Performante или McLaren 720S? Хмм… Официјално, побрз е Huracan Performante, неофицијално 720S. Кој е поубав? Ford GT! Зарем веќе го заборавивме Ford GT?