Знаете, кога се во прашање Civic Type R автомобилите, има едно непишано правило. Не секоја генерација на Civic Type R ја оправдува специјалната ознака, но од време на време, оние вистинските “Type R”, едноставно ги поместуваат границите во сегментот и наметнуваат нови правила на игра. Така беше со моделот EK9, така е и сега. Со неверојатниот подвиг на патеката Нирбургринг на 3-ти Април (07:43.80), Honda докажа дека е повторно на врвот во Hot Hatch сегментот и дека нивниот сериски автомобил е побрз од специјалните серии на Golf GTI Clubsport S (07:41.19), Renault Megane Sport 275 Trophy R (07:54.36) но и Audi R8 V10 и Pagani Zonda (07:44.00).
На пример, во одреден свиок, каде што конкуренцијата ќе помине со 150 километри на час, Civic Type R на располагање има десеттина километри плус, што за овие автомобили е многу.
Моторот е горе-долу истиот 2.0 литарски турбо VTEC, со 306 коњски сили и 400 Nm влечна сила која се пренесува на предната оска преку шест степениот мануелен и само мануелен менувач. Од место до стока ќе забрзува за помалку од 5 секунди, а максималната брзина ќе достигнува 275 километри на час. Сигурно се прашувате како се изменаџирани 306-те коњски сили на предната оска? Погонот на четири тркала е многу поразумна опција, која е општо прифатена од најголемите конкуренти Golf R, Focus RD и Subaru Impreza WRX STI. Но, за жал, две добра нема, па затоа Ford Focus RS на пример, тежи цели 196 килограми повеќе. А тоа е многу. Од Honda се водат со девизата поедноставно, полесно, побрзо, па затоа пролизгувањето на предната оска е контролирано преку ограничениот диференцијал и Dual-Axis напред (еден вид контролирано кочење на предните тркала со цел да се намали тракцијата). И резултатот е фантастичен. Работата на моторот, активните дампери, управувањето, стабилноста и лимитерот на вртежи на моторот се контролирани преку три режими на возење: Comfort, Sport и +R. За запирањето на автомобилот се грижат докажаните Brembo сопирачки.
За разлика од претходните модели, на внатрешноста е работено со љубов. Црвена алкантара, црвен конец насекаде каде што ентериерот е облечен во црна кожа, када седишта за удобни тркачки денови, Apple и Android car системи, добар хајфај и перфектно изработен шифтер.
Во споредба со конкурентите, Civic Type R има најниска цена (35 илјади евра), а нуди најмногу. Кога велам најмногу, мислам на најдобар хот хечбек на сите времиња. А тие три издувни цевки одзади се љубов на прв поглед.
Сакаш уште Throttle/Brake?