Автомобилите се превозно средство со кое патуваме од точката А до точката Б. Здодевно! Автомобилите се престиж со кој треба што побрзо да стасаме до точката Б. Може. Но, бидете претпазливи, бидејќи има една мала група на автомобили, маскирани во својата убавина и префинетост, кои се всушност ладнокрвни убијци, и доколку ги потцените ќе направат сé за да не стасате до вашата дестинација. Црната листа, на која доминираат автомобилите со беџот на Porsche, ќе ја започнам со автомобилот кој беше предмет на истрага во мега популарните Unsolved Mysteries.
Porsche 550 Spyder (Little Bastard)
Секогаш кога ќе се спомене Porsche 550 Spyder, по автоматизам мислите ни одат кон бунтовникот без причина – Џејмс Дин. На 30 Септември, 1955-та година, на пат кон еден локален тркачки ивент, тој со своето Porsche 550 Spyder загинува во една прилично гадна и бизарна сообраќајна несреќа.
Сите знаеме дека Џејмс Дин бил голем љубител на спортските автомобили и брзината. За време на снимањето на филмот Rebel Without A Cause, некој одлучува автомобилот Porsche 356 да се замени со 550 Spyder. Џејмс, како голем мераклија за спортски автомобили, на прва се заљубува во новиот автомобил и решава да го присвои. Дури и оди кај механичарот Џорџ Барис и го модификува автомобилот со нови седишта, две црвени линии во средината и налепници со бројот “130” на вратите и на хаубата, и го нарекува “Малото копиле”. Возејќи се наоколу, на 23 Септември 1955 година, пред еден ресторан се сретнува својот колега, актерот Алек Гинис или попознат како Оби Ван Кеноби за да му се пофали со својот нов автомобил. На Оби не му се допаднала “злобната” појава на автомобилот, и му рекол на Џејмс дека ако влезе во тој автомобил ќе биде пронајден мртов наредната недела! По точно една недела, односно на 30-ти Септември, Џејмс загинува.
Но, и по смртта на Џејмс Дин, истиот 550 Spyder продолжува да “убива”. Механичарот Џорџ Барис, по несреќата го купува кршот за 2500 долари. Во еден момент, при товарењето во камион, автомобискиот крш се лизга, паѓа и ја крши ногата на Барис. По некое време, механичарот решава да ги продаде моторот и менувачот на Трој МекХенри и Вилијам Ешрид. За време на една трка, во која двајцата управувале автомобили кои имале делови од “Малото копиле”, МекХенри ја губи контролата врз својот автомобил, се забива во дрво и загинува. Ешрид, во истата трка бил сериозно повреден, кога влегувајќи во свијок, автомобилот мистериозно се закочил, излетал од патот и се превртел неколкупати. Но механичарот Барис имал две тркала кои останале недопрени во несреќата на Џејмс Дин и решил да ги продаде. И погодете што? Новиот сопственик се возел наоколу, и наеднаш двете гуми експлодирале во исто време, по што автомобилот излетал од патот и бил уништен.
Барис решил да не продава делови од автомобилот, арно ама двајца крадци му фрлиле око на автомобилот во кој загинал Џејмс Дин и се фатиле за работа. Во обид да украдат што повеќе делови од автомобилот, на едниот вратата му ја откинала раката, а другиот бил тешко повреден пбидувајќи се да ги извади седиштата кои имале дамки од крв.
Загрижен поради мистериозните несреќи, механичарот Барис решил остатоците од автомобилот да ги скрие што подалеку од светот. Но некој од калифорниската патрола на пат, го наговара да им го позајми автомобилот за тематска егзибиција насловена: безбедност на автопатиштата. Автомобилот бил ставен во хангар, кој под мистериозни околности се запалил и изгорел до темел, но “Малото Копиле” останало недопрено од огнената стихија. На една друга егзибиција во училиште, 550 Spyder му крши нога на еден ученик. Хоророт продолжува… При транспорт на автомобилот од училиштето, возачот на камионот губи контрола и мистериозно излетува од камионската кабина, при што бил столчен од автомобилот кој паднал од камионот. Властите решиле да му стават крај на овој хорор во кој е вмешан 550 Spyder, и решиле да му го вратат автомобилот на Барис. За време на транспортот, автомобилот исчезнува и до ден денешен никој не знае каде е “Малото Копиле” ака Porsche 550 Spyder. Неверојатно, но вистинито.
Porsche Carrera GT
58 години подоцна и повторно Porsche. Животите на Пол Вокер и неговиот пријател Роџер Родас згаснаа во црвената Carrera GT. Во моментот на несреќата автомобилот се движел со брзина од околу 150 километри на час, што за Porsche Carrera GT е речиси ништо, но само ако сите услови се идеални. А не биле тој кобен ден… Автомобилот се држел на асфалтот со девет години стари пневматици. Но од појавувањето на Carrera GT па се до денес, на сите ни стана јасно дека автомобилот има некоја “луда жичка”, и во многу ситуации се однесува биполарно. Многу години пред несреќата на Пол Вокер, истата Carrera GT управувана од Џеј Лено, мистериозно се извртува, но за среќа Џеј Лено не заврши во заштитниот ѕид.
^ На видеото: Џеј Лено vs Porsche Carrera GT.
За да го разберете овој супер автомобил, одговорот треба да го барате во неговата едноставност и лажна наивност. Carrera GT е буквално еден куп од карбонски влакна со 5.5 литарски V10 кој произведува 600 коњски сили, волан и тркала. Тоа е се. Нема никакви современи системи и има шест степен мануелен менувач и најкомплицирано квачило за кое ви треба многу тренинг и многу пари. Автомобилот е многу едноставен за да управувањето со него е толку комплицирано. Во суштина, вие сте компјутерот во автомобилот, кој мора да работи беспрекорно во текот на целото возење. Немате простор за грешка. Во спротивно, Porsche Carrera GT нема да ви прости. Дури и професионалните возачи се посебно претпазливи со Carrera GT, а Роџер Родас беше еден од нив.
Dodge Viper RT/10
Доколку првите два автомобили не беа инволвирани во мистериозни несреќи со светски познати личности, Dodge Viper RT/10 ќе беше убедливо на првото место. Олицетворение на американската авто-инженерска глупавост и нескромност. Од аспект на дизајн, автомобилот е преубав, но техничкиот дел е приказна за себе. Тврдам дека инженерите од Dodge не ни помислиле на фактот дека овој спортски автомобил ќе биде управуван од човек, во нормален сообраќај. Огромен 8.0 литарски мотор, 450 коњски сили, без воздушни перници и системи против завлекување и стабилност. Шасија која се витка како лименка, евтина пластика и издувни цевки кои ќе се поставени за да ве горат при секое излегување од автомобилот. Доколку притиснете малку повеќе на педалот за гас, автомобилот ќе оди насекаде само не во права линија. Свиоци? Не ни помислувајте. Да скратам, да го возите Dodge Viper RT/10 на работ на своите можности е како да возите атомска бомба.
Porsche 911 Turbo (930) и Porsche 911 GT2 RS (997) Widow Maker
И повторно Porsche. Овој пат без жртви, но со голема материјална штета. Почетоците на култниот спортски автомобил 911, не беа воопшто лесни. Особено кон крајот на седумдесетите, кога на спортските автомобили им требаше моќ. Тогаш настана легендарниот 911 Turbo и веднаш се стекна со репутацијата “Widowmaker”. Моторот и погонот останаа одзади, распоредот на тежината остана ист, а со турбо полначот автомобилот испорачуваше многу повеќе сила, но возачите не беа наш подготвени за таа промена. Да не го заборавиме и таканаречениот “turbo – lag”, кој според мене е најголемиот проблем и тогаш и денес, иако е во фаза на изумирање. За тие што незнаат, turbo lag е паузата која настанува за време на полнењето на турбо полначот со нов воздух кој треба да биде процесуиран и испратен во цилиндрите. Подобро речено, го притискате педалот за гас, пет секунди нема никаква реакција и наеднаш, БУМ! Многу сила за која не сте подготвени, а се наоѓате на излез од свиок. Задниот дел на автомобилот почнува да завлекува, а ви сте немоќни да го исконтролирате бидејќи предниот дел е многу полесен. Башка немате ниту еден безбедносен систем кој ќе биде ваш сојузник. Резултат? Widowmaker.
Porsche 911 GT2 RS (997) е последниот автомобил од Porsche кој ќе создава вдовици. Своевремено беше еден од најбрзите автомобили во светот. 620 коњски сили на задната оска, максимална брзина од 328 километри на час, шест степен мануелен менувач и рол-бар. Нема системи за стабилност и пролизгување, затоа што не му требаат. Само вие и 620 коњски сили. Доколку сте разумни ќе уживате во благодетите на GT2 RS, но ако го потцените, ќе патите и платите.
Shelby GT 500/Super Snake
Мустанзите низ историјата покажаа дека знаат да бидат навистина незгодни автомобили. Знаејќи го тој факт, Shelby почнуваат да вградуваат мотори со 650 коњски сили во шасија на стандарден Ford Mustang GT. По извесно време, на GT500 Super Snake му додаваат уште 200 коњски сили. Замислете, 850 коњски сили на таа старомодна задна оска. За овој презасилен автомобил важи онаа: Си го бараше, си го доби.
Shelby Cobra 427
Незнам дали знаете, но Кобрата е еден од моите најомилени автомобили. Оваа убавица ви ја нуди целата своја убавина и моќ, а за возврат ја бара целата ваша концентрација. Кај овој преубав автомобил, проблемите се слични со оние на Dodge Viper. Огромен мотор, премногу моќ, кабриолет, и издувни цевки кои се лепат за вашите глуждови секојпат кога излегувате од автомобилот. Треба ли да споменам дека ако го притиснете педалот за гас, невозможно е автомобилот да остане во права линија. Но, кој може да остане рамнодушен на тој безвременски сексипил?
Reliant Robin
БЕЗ КОМЕНТАР.
Сакаш уште Throttle/Brake?