Throttle/Brake – епизода 66: Formula 1 за на улица – Mercedes-AMG One

Се случи и тоа. Се оствари сонот на многу деца, инженери и автомобилски ентузијасти.

Ferrari за своите топ модели позајмуваше менувачи од F1 и тоа беше навистина брилијантно. Mercedes-Benz го позајмија болидот на Луис Хамилтон од сезоната 2015, и на него ставија автомобилски панели од јаглеродни влакна, батерии, електро мотори и огромен заден дифузер. Не станува збор за тркачки автомобил, туку за автомобил кој ќе биде дел од секојдневниот сообраќај, и во кој лесно ќе се влегува и излегува. Дури има и планиран простор за мал багаж.

Многумина негодуваа за дизајнот на автомобилот, велат дека се познавале линии на Lamborghini, Porsche, Koenigsegg и McLaren F1. Give me a break. Јас велам дека Project One е најневеројатниот автомобил до сега, кој за неколку години ќе ја ужива славата која денес ја ужива McLaren F1.

Мислам дека Project One заслужува детално да го расклопиме. Нормално, најпрво ќе започнам со моторот, кој е позајмен (буквално) од шампионскиот болид на Mercedes-AMG Petronas F1 тимот од 2015 година. Станува збор за 1.6 литарскиот, V6, турбо мотор, кој е поставен во средината на автомобилот, пред самата задна оска. Ова е првиот агрегат вграден во сериски автомобил, кој ќе развива 11.000 вртежи во минута. Само да напоменам дека Луис Хамилтон во својот болид си “игра” со 13.500 вртежи во минута. За уникатни перформанси, на располагање се и четири електро мотори. Еден е интегриран на самиот турбо полнач и развива 100.000 вртежи во минута, со цел да се елиминира заостанувањето во работата на турбото, другиот е вграден на коленестото вратило, а преостанатите два електрични мотори се наоѓаат на предните тркала. Вкупната моќ на овој хибриден збир изнесува повеќе од 1000 коњски сили.

Како што ветија од AMG, Project One ќе биде хипер автомобил чија тежина ќе изнесува исто колку и моќноста, 1:1, односно повеќе од 1000 коњски сили и маса од нешто над 1000 килограми. Благодарение на овие бројки, и на погонот на сите четири тркала, AMG One ќе забрзува од место до 200 километри на час за помалку од 6 секунди (добро читате), и ќе достигнува максимална брзина од преку 350 километри на час, а во исто време ќе е штедлив и ќе се грижи за животната средина. Нека не ве изненадува фактот дека по секои 50 илјади поминати километри, F1 моторот ќе треба задолжително да оди на “ремонт”. Само на “батерии” ќе може да помине скромни 25 километри. Но целта на ова технолошко чудо не е скромноста, туку рушење на сите постоечки автомобилски рекорди. Моќта се пренесува на тркалата преку целосно новиот автоматизиран 8 степен мануелен менувач, кој може да се употребува во автоматски и мануелен режим, со помош на палките кои се наоѓаат на воланот, кој е налик на оној кој се наоѓа во F1 автомобилот на Луис Хамилтон.

Внатрешноста на AMG One.

AMG One е првиот сериски хипер автомобил со аеродинамика која е идентична со аеродинамиката на еден Ле Ман тркачки автомобил. Погледнете го само дифузерот, кој најпрво започнува како усисник кој ќе собира што повеќе воздух за ладење на моторот и се протега од средината на автомобилот до самиот крај на задниот дел, каде што се наоѓа активното задно крило. Огромниот дифузер е мултифункционален: го лади моторот и истовремено го прилепува автомобилот за подлогата, а целиот дифузер кој е во вид на перка од ајкула има за задача да го сече воздухот, за да AMG One биде што постабилен и поагилен во свиоците. Ако детално го прегледате овој автомобил, ќе забележите дека секоја линија има своја огромна функција. Огромното “деколте” однапред и отворите кои се поставени одма пред ветробранското стакло, имаат задача да ги ладат предните електро мотори, сопирачките и да му дадат што повеќе downforce на AMG One.

Задниот дифузер на AMG One.
Задниот дифузер на LM1 тркачки автомобил.

Цена, секојдневна употреба и конкуренција?

Ќе бидат произведени само 275 Mercedes-AMG One, кои, на голема жалост се веќе распродадени. Среќниците кои се на листата, ќе треба да издвојат околу 2,7 милиони евра, цена која драстично ќе се зголеми со појавувањето на првите автомобили на улица. На премиерата во Франкфурт, го видовме Луис Хамилтон како комфорно излегува од автомобилот, што значи дека AMG One не е само тркачка машина за на улица. На пример, за да влезете во кабината на Aston Martin Valkyrie треба да го извадите воланот и да бидете доволно еластични. За излегувањето се уште незнам. Во кабината на AMG One, има доволно простор за двајца возрасни, има клима уред, електрични прозорци, и убав 10 инчен прегледен дисплеј.

Наредната година, копјата ќе се кршат помеѓу AMG One и Aston Martin Valkyrie. На прв поглед, Valkyrie воопшто не делува како да ќе се грижи за секојдневното возење. Но, кога станува збор за овие автомобили, кому му е грижа за удобноста и секојдневниот сообраќај? Дефинитивно на Mercedes-AMG. Како ќе се однесуваат овие два хипер автомобили на тркачките патеки останува да видиме, но засега Mercedes-AMG One изгледа и потврдува дека е подобар автомобил. Што мислите, дали Aston Martin, Red Bull и Адријан Њуи ќе успеат да ги надмудрат трократните светски шампиони Mercedes-AMG и Луис Хамилтон?

Mercedes-AMG One vs Aston Martin Valkyrie.

На видеото: Ексклузивно, Луис Хамилтон и Mercedes-AMG One.

https://youtu.be/gYR2z6xGqzI

Mercedes-AMG One во развојна фаза.

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -