Throttle/Brake – епизода 78: Welcome back за Porsche 911 GT3 RS и Третата Jota

На големо се шпекулира дека GT3 RS 991.2 е последниот “атмосферец” што излегол од фабриката во Штутгарт. Јас искрено, во тие шпекулации не верувам. Радикални промени во напојувањето на “атмосферскиот” тркач во иднина сигурно ќе има, но границата помеѓу Carrera и Turbo, во семејството на 911 е одамна зацртана. Вкрстувањето на Carrera и Turbo, т.е Carrera со турбо, за Porsche е чин еднаков на инцест. Деновиве, додека го уживав заслужениот одмор и го завршував овој текст, гласините дека GT3 RS ќе биде побрз од 918 Spyder на Нордшлаифе, станаа вистина. За волја на вистината, ова е третиот сериски Porsche автомобил кој извозел круг на “Зелениот Пекол” за помалку од седум минути. Апсолутна доминација.



^ Видео: Porsche 911 GT3 RS 2018 на Нурбургринг Нордшлаифе (6:56.4). 

Со 520 коњски сили, GT3 RS е најмоќниот легален атмосферец на компанијата од Штутгарт. Ако го земеме впредвид неверојатниот подвиг на GT3 RS на Нордшлаифе, новиот автомобил е 12 секунди побрз од GT3 RS 991 и неверојатни 24 секунди од GT3 RS 997. Благодарение на 4.0 литарскиот прав (Boxer) мотор со шест цилиндри, кој врти неверојатни 9.000 вртежи во минута, 991.2 има 20 коњски сили повеќе од претходникот, и 470 Nm на задната оска, кои преку 7 степениот PDK менувач, го забрзуваат до стотка за 3 секунди и до максимални 310 километри на час.

Однадвор и одвнатре, се е на диета и во полза на аеродинамиката. За разлика од претходниот модел, 991.2 има многу поагресивна предна маска, која е позајмена од тркачкиот 911 GT3 Cup. Одзади, неизбежниот Porsche елемент “Ducktail” и огромното крило. Од Porsche тврдат дека новата подобрена аеродинамика на GT3 RS, при 200 километри на час генерира двапати повеќе даунфорс од моделот GT3. Нели, се за тркачките перформанси. Исто така, подобрен и е системот за ротирање на задната оска. За оние на кои не им е јасно што значи ротирачка задна оска, народски ќе кажам дека и задните тркала вртат (под мал агол) во свиоците. Да не ги заборавиме и NACA каналите во предниот дел, кои се позајмени од GT2 RS, со цел да ги ладат сопирачките, но да не го завлекуваат или забавуваат автомобилот. Диетата на новиот GT3 RS се состои од карбонска хауба и преден браник, покрив од магнезиум, карбонски седишта и многу потенка звучна изолација. Ако чувствувате вашиот GT3 RS е “претежок” не очајувајте. За само 15 илјади евра, ќе го добиете Weissach пакетот со магнезиумски 20/21 инчни тркала и карбон-керамички сопирачки. После оваа “ липосукција” автомобилот ќе тежи 1430 килограми.

На барање на клиентите, Porsche ги врати во употреба легендарните ретро бои и налепници. Морам да признаам дека новиот GT3 RS во таа “Lizard” зелена ми изгледа многу по badass од посилниот GT2 RS. А чини само 154 илјади евра! И побрз е од 918 Spyder! Најголемиот конкурент на GT3 RS е Mercedes-AMG GTR, но со оглед на неодамнешниот неверојатен подвиг на 911-ката на Нордшлаифе, ќе мораме да го почекаме AMG GTR Black Series, бидејќи “Ѕверот од зелениот пекол” засега едноставно нема шанси.

Внатрешноста на Porsche 911 GT3 RS 2018.

 

Lamborghini Aventador SVJ

Неколку дена пред почетокот на саемот за автомобили во Женева, дознавме дека Lamborghini работат на последниот и најмоќниот Aventador. Кога велам последниот, мислам на последната негова верзија, пред да биде заменет со неговиот наследник. Според Lamborghini, за крајот да го краси делото, треба да биде Jota. Буквата “Ј” на шпански? Да. Во седумдесеттите, со цел да ги испочитува тркачките регулативи на FIA Appendix J, Боб Валас ја создава единствената хардкор Miura J. Во средината на деведесеттите, и Diablo ја добива специјалната хомологација Jota.

Lamborghini Miura Jota
Lamborghini Diablo Jota

Lamborghini Aventador е еден од омилените автомобили на ѕвездите во подем, раперите и перфектен супер автомобил за во ноќен клуб. Беше брз, атрактивен, секси и добро се продаваше. Но како изминуваа годините, Aventador заостануваше со истите перформанси, ја губеше вредноста и стануваше спор. Да не ги заборавиме и “специјалните” изданија, кои ретко кој ги има забележано на улиците. Работите во Болоња се сменија со појавувањето на Huracan Performante, кога Lamborghini ни порача дека веќе нема да прави само постер автомобили, туку навистина брзи постер автомобили. Овие радикални промени тешко ги поднесе знаменосецот Aventador SV, кој го изгуби приматот на најбрз автомобил во таборот од Санта Агата. Lamborghini Aventador SVJ (Superveloce Jota) пристигнува наскоро за да си го поврати тронот.

Jota (шпански Хота) е направен на платформата на Aventador S, кој има 730 коњски сили од 6.5 литарскиот V12. Најголемиот новитет кај овој автомобил беше системот за ротирање на задните тркала, кој ќе му служи и на SVJ. Што можеме да очекуваме од Jota? Повеќе моќ, помала маса и многу агресивни аеродинамички подобрувања. Огромното задно крило и неколкуте спојлери во предницата, ни го откриваат присуството на Aerodinamica Lamborghini Attiva (ALA), најновиот активен аеро систем на Lamborghini, кој го прилагодува протокот на воздух под и околу автомобилот, и на тој начин го контролира завлекувањето и даунфорсот. На крајот овој канализиран воздух завршува низ огромното задно крило, каде се употребува за подобра стабилност на задниот дел и запирањето. На фотографиите се гледаат и пар целосно нови издувни цевки кои се наоѓаат помеѓу стоп светлата и голем заден дифузер кој е позајмен од уникатниот Centenario.

Повеќе моќ? Се разбира. Ако ги земеме предвид фактите дека најлутите ривали од Маранело извадија 800 коњски сили од V12-ката на главниот конкурент 812 Superfast, и дека Centenario има 770 коњски сили, тогаш можеме да очекуваме дека и SVJ ќе има околу 800 коњски сили.

Aventador SVJ на пазарот ќе се појави на крајот од оваа или почетокот на наредната година како 2020 модел и ќе бидат произведени само 200 (неодицијална информација од мој извор) купе, и исто толку Spyder автомобили, за кои ќе се потпишуваат специјални договори. Jota ќе чини од 425 илјади до половина милион евра, но како што ќе одминуваат годините, неговата цена ќе расте, бидејќи SVJ ќе биде последниот “чистокрвен” V12 атмосферец кој ќе излезе од вратите на фабриката во Болоња.

^ Видео: Камуфлиран Lamborghini Aventador SVJ.

 

Со Брацо Моралиќ.

Сакаш уште? КЛИКНИ.

- Реклама -