Најдобриот македонски фудбалер ја продолжи својата доминација во најмасовното италијанско натпреварување откако вечерва со својот Наполи го совлада Јувентус со 2:0 и четврта година по ред го крена трофејот во италијанскиот национален куп.
Серијата на Пандев започна пред три години, кога нашиот голгетер беше најдобар стрелец во ова натпреварување и го предводеше Лацио до големиот пехар. Следуваше трансфер во Интер, па и со овој тим Пандев две години без проблеми се китеше со пехарот, за својата доминација да ја продолжи и сезонава, овојпат како член на Наполи.
Иако не доби шанса како стартер во големото финале, Пандев сепак имаше значаен придонес во големиот триумф на својот тим. Имено, тој влезе во игра во 71. минута при резултат 1:0, но токму Македонецот ги разреши дилемите околу победникот фантастично асистирајќи му на Марек Хамшик, кој немаше тешка задача во ситуација еден на еден да го совлада голманот Сторари.
{youtube}zn2Vh4z5Xz4{/youtube}
Претходно, првиот гол беше дело на Кавани од пенал, откако Лавеци беше соборен во шеснаесетникот на „Старата дама“. Освојувањето на овој трофеј е извонредна круна за одличната сезона на Пандев во дресот на „Наполитанците“, но останува да се види дали управата на овој клуб ќе се реши да го откупи неговиот договор со Интер, или иднината на најдобриот македонски фудбалер ќе биде некаде далеку од Неапол.
Објавено во соработка со Екипа.