Тивкиот феномен на возрасни што цицаат палец

Од филмот Thumbsucker (океј филмче, бтв).

Цицањето палец е сосема нормална навика кај бебињата и малите деца, ама додека повеќето ја надминуваат до возраст од 5 години, некои никогаш не прекинуваат.

Веројатно немате видено возрасен што цица палец, но тоа е само затоа што добро се кријат во јавност и пред други луѓе, најмногу од страв дека ќе бидат исмевани и етикетирани како чудаци. Дел од експертите проценуваат дека цицањето палец кај возрасните е релативно често – го прават 1 на 10 возрасни. Кај жените е поизразено отколку кај мажите. Го прават затоа што им нуди комфорт.

Се вели дека цицањето палец почнува уште во утробата. Се смета за гестикулација што нуди удобност и чувство на безбедност, бидејќи го имитира напливот на ендорфин кај бебињата што се јавува при доењето. Најчесто се јавува кај деца со блага анксиозност.

Истото важи и за возрасните цицачи на палец. Бидејќи доењето не е опција, цицањето на палецот е ефективен начин за справување со анксиозност или за комплетна релаксација при заспивање. Некои луѓе се тешат цицајќи го палецот цел живот, откако знаат за себе, и за нив е само уште еден вообичаен дел од секојдневниот живот.

Повеќето од возрасните цицачи на палец би го правеле тоа постојано кога би можеле, но не можат да поминат преку големиот страв дека ќе бидат лошо разбрани од општеството. Се контролираат кога се во јавност, но во приватноста на својот дом или кога се сами во автомобил, повторно ѝ се враќаат на смирувачката навика.

65-годишниот Харви Милер цица палец додека гледа ТВ, чита, вози, пред спиење и сл. За него тоа претставува комфортна зона и не сака да престане. Напротив, сака луѓето да го прифатат цицањето палец како дозволена, легална, лишена од апчиња, тивка навика – што во суштина е (според него). А не како материјал за шега или знак за чудаци. „Сакам да можам да цицам палец во јавност, но не мислам дека би ја поднел лошата интерпретација и вниманието што ќе го предизвикам“.

Хари Олу – банкар во своите доцни 30-ти од Најроби, Кенија, се обидел да се откаже од навиката неколку пати во текот на животот, но секогаш завршувал со палецот во уста. Го цицал кога одел во школо и бил нервозен околу испитите, а го цица и сега пред да заспие. Се плашел дека жена му може да биде вознемирена кога ќе дознае, но наводно таа смета дека е слатко.

„Ова е навика што ја развив во детството. Соучениците од средно често ме задеваа околу тоа, бидејќи го правев често, особено кога имавме испит… Ме викаа Големо Бебе. Сега, како професионален банкар, научив да го кријам мошне добро. Не го цицам палецот на работа. Сфатив дека можам да го контролирам кога сум во јавност. Сепак, кога ќе дојдам дома и се спремам за легнување, се фаќам себеси со палецот во уста. Порано се срамев секогаш кога жена ми ќе ме фатеше на дело, но изгледа не ѝ пречи“.

Многу од возрасните цицањето на палец го гледаат како сексуален фетиш, но ете, се чини за добар дел од цицачите на палец е само механизам за смирување. Нешто како џоинт, ама бесплатен.

Единствените споредни ефекти се срамот од другите, и во некои случаи – дентални проблеми, вели др. Кристофер Хо. На пример, предупредува дека цицањето на палец може да предизвика непоправлива дентална штета. „Најдобро е ако децата се откажат од навиката до возраст од 5 години, бидејќи пролонгираното цицање откако трајните заби почнуваат да никнуваат може да резултира со дентални проблеми, како отворен загриз, ‘коњски заби’ (испакнати), недоразвиена долна вилица и рамно непце. Кај возрасните може да доведе до тесна насмевка и отворен загриз, кој често резултира со тешкотии при гризење на одредени видови храна“.

- Реклама -