Тошковски: Согласно доказите, Гаши нема одговорност за инцидентот со косовската претседателка на скопскиот аеродром

Кривично правна одговорност кај претседателот на Собранието, Африм Гаши, не е утврдена согласно доставените докази, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи каде што собрамискиот спикер го испрати своето лично обезбедување.

Според министерот Тошковски, единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши. Тој го оцени неговото однесување како недозволиво.

– Согласно внатрешните правила и процедури на МВР, немал право да го напушти вип објектот кој што го обезбедувал и не е негова одлуката, ниту пак надлежност да смирува, или да разгорува, или да прави што било што не е поврзано со описот на неговите работни задачи. Одговорност во однос на целиот кривично правен настан е на полицискиот службеник, изјави министерот во вечерашното гостување на Канал 5 Телевизија.

Тој информираше дека во рамки на предметниот настан се сослушани повеќе од 15 или 20 луѓе кои биле сведоци и биле разгледани видео материјали.

Во врска со овој случај полицијата поднесе кривична пријава против С.С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“.

Според МВР, пријавениот по наредба на собранискиот спикер Гаши, отишол пред ВИП салонот на аеродромот каде што репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците од Аеродромот.

Прочитајте и:  Османи: Секое загрозување на правата на Албанците во С. Македонија ќе наиде на решително противење и единство на Албанците од цел Балкан

Како што се појаснува во соопштението, заедно со уште двајца полициски службеници од Секторот за обезбедување на личности влегол во ВИП салонот и движејќи се во простории каде немал овластување за движење и престој, на присутните вработените на ТАВ-Скопје, полициски службеници од граничната полиција и Одделот за заштита на определени личности и објекти почнал да им се заканува по животот, водено барајќи да ја спроведе претседателката со возило до авионот.

– ОВККИПС согласно своите надлежности и овластувања ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против полицискиот службеник С.С. и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапка, а против полициските службеници С.Р. и Н.Б. ќе поднесе Предлог за поведување на постапка за кршење на работниот ред и дисциплина поради извршување на незаконита наредба, несовесно извршување на работни задачи и рушење на угледот на полицијата, соопштија од МВР.

СДСМ денеска побара премиерот Христијан Мицкоски итно да го смени Африм Гаши од претседател на Собранието. Левица, пак,  во Парламентот поднесе интерпелација за работата на претседателот на Собранието Гаши поради тоа што „воведува непринципиелни политики во Собранието“.

- Реклама -