Тошковски денеска рече дека првичните информации се оти станува збор за милионски суми кои се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари
Четири лица биле задржани во полициска станица по вчерашните претреси во фирми во Скопје, Струмица и во Гостивар, потврдија денеска од Министерството за внатрешни работи (МВР), но не даваат детали за кој град станува збор.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, станува збор за епски криминал.
Тошковски денеска рече дека првичните информации се оти станува збор за милионски суми кои се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари.
„Ова е еден од предметите коишто слободно можам да кажам дека има основани сомненија дека станува збор за епски криминал, кој, за жал, повторно е на штета на буџетот на Македонија, односно на парите на народот. Првичните информации се дека станува збор за милионски суми коишто се последица на неколку кривични дела, даночно затајување, даночна измама и перење пари. Во интерес на целокупната постапка не би можел да навлегувам во детали, почитувам пресумција на невиност“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарски прашања при неговата посета на Охрид, каде што ги отвори 22. Синдикални спортски игри, во организација на Македонскиот полициски синдикат.
На повеќе локации во повеќе градови вчера се вршеа претреси на домови и други простории поради основи на сомневања за даночно затајување, даночна измама и перење пари.
Во претресите координирано учествуваат полициски службеници, службени лица од УЈП и истражители од ОЈО ГОКК.
Од МВР вчера рекоа дека при претресите е обезбедена поголема документација и електронски записи што ќе бидат предмет на обработка и анализа, со цел да се обезбедат материјални докази за потребите на водењето на понатамошната кривична постапка.
Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) засега не споделуваат нови информации за вчерашните координирани претреси на Управата за јавни приходи (УЈП), полицијата и Обвинителството.
Оттаму за „360 степени“ велат дека остануваат на информациите дека се работи за предистрага и дека соопштуваат само информации што нема да ѝ наштетат на постапката.
Според Обвинителството, претресите се поради основи на сомнение за финансиски криминал, односно даночно затајување.