Трагикомична фотомонтажа: Наместо политички поени, Бујар Османи си доби трето увце на темето (ФОТО)

Се сеќавате кога вицепремиерот Бујар Османи сам го пречека Папата Франциск при неговата историска посета на Македонија? Ни ние. Меѓутоа, таква фотографија осамна на Твитер профилот на вицепремиерот по повод едногодишнината од престојот на римокатоличкиот поглавар во земјава.

„Вицепремиерот во чест на годишнината од официјалната посета на Понтифот во Македонија, потврдувајќи ги силните врски, како продолжение на историскиот континуитет на споделување заеднички вредности и цели“, пишува во твитот од 7 мај, во кој е објавена фотографија на која со Фотошоп се отстранети останатите членови од делегациите, веројатно со намера Османи да се прикаже како некој кому Папата му посветил посебно внимание, а со тоа да спечали политички поени.

Меѓутоа, Твитер корисниците набрзо воочија дека се работи за (многу лоша) фотомонтажа и ја пронајдоа оригиналната фотографија. Притоа, открија дополнителна аматерска грешка – на лажираната, увото на еден од делегатите се гледа во косата на Османи.

Прочитајте и:  Папа Франциск: Лицемерните земји кои зборуваат за мир, а произведуваат оружје се виновни за војните

По ваквиот пропагандистички потег, налик на оние во времето на Сталин, вицепремиерот не беше поштеден од добропознатиот твитерџиски хумор, па сега на мрежата кружат разни фотомонтажи од „неговата средба“ со Папата, која од која поапсурдна и поаматерски изведена. Доволно е да пребарате „Бујар“…

- Реклама -