Трамп: Ако останеме под 100 илјади мртви, тоа ќе биде добро завршена работа

Ако бројот на починати од коронавирусот во САД не надмине 100.000, тоа ќе биде „добро завршена работа“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, најавувајќи напуштање на претходниот план за повторен старт на економските активности до средината на април.

Според Worldometers, во моментов (на пишување) САД има 142.735 дијагностицирани и 2.489 починати од Ковид-19. Излечени се 4.562.

На прес-конференцијата за новинари во Белата куќа, Трамп истакна дека неговата администрација ги снижила своите претходни проценки за потенцијални смртни случаи во САД и оцени дека задржување на тој број меѓу 100 и 200 илјади ќе значи „успех“:

„Ако успееме да ја задржиме таа бројка на споменатите 100.000… тоа е ужасна бројка… можеби и на помалку… Така што да имаме меѓу 100 и 200 илјади, тогаш сите заедно сме завршиле добра работа“, рече Трамп, пренесува германската DPA.

Претходната своја изјава дека економијата треба да биде рестартирана до Велигден, односно 12 април, овојпат Трамп ја нарече „амбициозна“. Наместо економијата, сега Трамп за средината на април го предвидува пикот на епидемијата:

„До Велигден би требало да го достигнеме пикот и полека да почнеме тренд на намалување, и тоа, се надевам, значајно“, рече тој.

Освен тоа, Трамп најави и продолжување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот до 30 април, со коментар дека „нема ништо полошо од прерано прогласена победа“.

Прочитајте и:  Песков: Бајден ја ескалира ситуацијата за да ги саботира мировните планови на Трамп за Украина

Американскиот претседател притоа упати и апел до Американците:

„Стапката на смртност својот пик најверојатно ќе го забележи за две недели. Што подобро се однесувате, толку побрзо ќе се заврши оваа ноќна мора“, рече тој.

Во меѓувреме, без конкретни докази и без да ги именува, Трамп обвини „одредени медицински работници и болници“ дека натрупуваат медицинска опрема и респиратори, кои ги има во недоволен број во одредени делови од САД. Притоа им нареди на таквите болници респираторите кои „никогаш нема да ги користат“ да ги поделат во другите болници каде што се потребни.

Пред само неколку дена, Трамп „викаше“ со големи букви на Твитер по Џенерал Моторс и Форд, под итно да почнат да произведуваат респиратори, а пред два дена тоа и им го нареди, повикувајќи се на закон за воено производство кој датира од Корејската војна.

Критичарите на Трамп, пак, го обвинуваат дека се обидува да ја префрли вината за своето лошо постапување во кризата со коронавирусот врз сите други освен самиот себе. Трамп, од своја страна, продолжува да ги обвинува медиумите за „лажно известување“, нарекувајќи ги „корумпирани“ и „одвратни“, со единствена цел да го победат на политички план.

 

- Реклама -