Трамп објави „целосно“ примирје во конфликтот меѓу Израел и Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп објави на својата платформа, дека е постигнато „целосно“ примирје во конфликтот помеѓу Израел и Иран, кое ќе се применува во неколку фази, потенцијално означувајќи крај на, како што тој тврди, „12-дневната војна“.

Според Трамп, примирјето ќе биде спроведувано во период од 24 часа, „по што војната ќе се смета за завршена“.

Израелскиот премиер изутринава потврди дека Израел го прифатил предлогот на Трамп за прекин на огнот со Иран.

Како што соопшти Ројтерс, Нетанјаху изјави дека Израел успеал да ги постигне своите цели, отстранувајќи ја иранската закана од нуклеарно и балистичко оружје.

Пред тоа, Израел објави дека неколку ирански ракетни напади биле извршени неколку минути пред почетокот на прекинот на огнот во 7 часот наутро. Израелските власти известија дека најмалку три лица загинале во градот Бершеба, откако била погодена висока зграда околу 6 часот наутро.

Некои детали остануваат нејасни по објавата на Трамп на социјалните мрежи на 23 јуни.

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, призна дека постои пауза во нападите, но неговите изјави рано на 24 јуни предизвикаа одредена збунетост по објавата за прекин на огнот од страна на Трамп.

„Во моментов, не постои договор за прекин на огнот или за запирање на операциите“, напиша тој на Телеграм, што претставува прва официјална реакција од иранската влада.

„Сепак, ако израелскиот режим ја прекине својата нелегална агресија против иранскиот народ до 4 часот наутро, нема да имаме намери да продолжиме со одговори“, додаде тој.

Иран на 23 јуни изврши напад врз американските сили распоредени во воздухопловната база Ал Удеид во Катар.