Трауматично сведоштво на пожарникар: Три изгорени тела во ‘Пулс’, едното држено за маса, другото потпрено за столб, а третото со раце нагоре.

На денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ сведочеше пожарникарот Драган Апостолов, командир на противпожарната единица во Кочани. Тој опиша ужасната ситуација во дискотеката, каде температурата била надмерно висока. „Внатре температурата беше толку висока, што и покрај опремата, добив изгореници и големи пликови по рацете, а огнот не ме фати“, рече сведокот.

Апостолов детално објасни како пожарникарите со „водени лепези“ се обидувале да ја спуштат температурата за да можат да ги извлечат преживеаните до „црвениот тепих“, каде што ги преземало медицинското интервентно лице. „Кога пристигнавме во 2:55, веднаш влегов во објектот. Огнот беше распламтен, гореше плафонот, шанкот и бината. Со млазот вода влегов внатре, правејќи лепеза за да ја намалам температурата и да не дозволам огнот да не погълне сите, додека другите извлекуваа лица“, појасни сведокот.

Внатре, плафонот и дел од шанковите гкереле. Гледката била ужасна: три целосно изгорени тела, едното држејќи се за маса, другото потпрено на столб, и третото легнато со рацете нагоре. Најмногу заглавени, загинати и повредени лица се наоѓале во ходникот зад влезната врата.

Апостолов изјави дека во дискотеката видел расфрлани противпожарни апарати. „Гаснењето било многу отежнато. Пред тоалетот имаше хидрант, со црево внатре, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени противпожарни апарати од девет килограми“, истакна Апостолов пред судот.