Треба ли на невакцинираните деца да им се забрани да одат во градинка?

Австралискиот премиер Малколм Трнбул неодамна предложи национален закон со кој ќе им се забрани на невакцинираните деца да одат во градинка или забавиште.

Стапката на детска вакцинација во Австралија изнесува 93%, но со овој чекор владата сака да ја зголеми на 95%. Таа цел се базира на теоријата за „имунитет на стадото“, според која 95-процентната вакцинација и имунизација на населението е минимумот потребен за заштита на не-имуните членови на таа популација – како што се бебињата.

„Противење и недоверба (vaccination objection) не се валидни причини за невакцинирање. Мораме да ги увериме родителите дека нивните деца ќе бидат безбедни кога ќе отидат во градинка или забавиште“, напиша Трнбул во писмо до австралиските државни и територијални лидери.

Во Австралија веќе повеќе од една година е на сила таканаречената „No Jab, No Pay“ („Нема боцкање, нема плаќање“) кампања, со која им се одбива правото на субвенции (од 15.000 австр. долари) на семејствата што не ги вакцинираат своите деца. Притоа, три австралиски држави – Викторија, Нов Јужен Велс и Квинсленд, веќе ја имаат воведено „No Jab, No Play“ („Нема боцкање, нема градинка/играње“) иницијативата, со која им се забранува запишување и одење во градинка на сите невакцинирани претшколски деца, без разлика дали има епидемија или не (кога има епидемија и онака им се „забранува“). Токму полисата на Викторија е таа што Трнбул сака да ја копира на целата територија, и да наметне вакцинација на сите деца, освен на тие кај кои постои медицинска причина да не бидат вакцинирани (алергии).

„No Jab, No Play“ дефинитивно ќе ја зголеми стапката на имунизација, но праксата на банирање на невакцинираните деца од градинките носи и негативни последици, и предвидливи, ама и непредвидливи.

Децата како колатерална штета

Една е дека ќе дојде до виктимизација на недолжни деца. Прво, невакцинираните деца ќе пропуштат важен дел од раното образование заради одлуки на нивните родители. Притоа, ќе настрадаат и многу деца од маргинализираните семејства (како сиромашните), кај кои постои поголема тенденција на невакцинација (додуша не заради недоверба во вакцините).

Контра-ефект

Истовремено, новиот тврд пристап на Трнбул може да предизвика отпор кон вакцинацијата, вели универзитетската професорка Џули Лиск. „Луѓето без претходен интерес за вакцините можат да застанат на страната на анти-вакцинските активисти и да им се придружат на каузата, како последица на тоа што се загрижени за заканата по граѓанските права“.

Легални и морални пречки

Да, секоја мерка што ќе предизвика тешкотии или финансиски проблеми за таргет-популацијата, несомнено ќе ја крене стапката на имунизација. Ако родителите што се двоумат околу вакцините не можат да одат на работа затоа што нема да можат да го остават детето во градинка, или ако зависат од семејните субвенции од владата, тие ќе немаат избор, и ќе го вакцинираат детето. Но, тука постои проблемот на принуда. Прво – дали е етичка, второ – дали е легална. Австралискиот имунизациски прирачник, донесен од Министерството за здравство, наложува дека согласноста за вакцинирање родителите мораат да ја дадат „доброволно, без надворешен притисок, принуда или манипулација“. Докторите и досега беа законски „советувани“ да бараат валидна согласност од родителите пред да ги вакцинираат нивните деца. Прашање е дали вакцинирањето од побуди да се запише детето во градинка заради немање друг излез т.е. заради принуда – легално може да помине како валидна согласност.ж

Ефектот врз семејствата и децата

Родителите зависат од градинките; тие им овозможуваат да работат. Забраната на градинките за невакцинираните деца може да ги принуди родителите – особено жените, да ја напуштат работата (и да излезат од пазарот на работна сила) за да се грижат за децата кои инаку би оделе во градинка. Богатите родители ќе можат да си дозволат да продолжат да се противат на вакцините, но многу останати нема да имаат таква привилегија.

Прочитајте и:  Австралија: Милионски казни за социјалните мрежи ако не спречат пристап за лица помлади од 16 години, корисниците ќе треба да се идентификуваат

Контра-градинки 

По предлогот на Трнбул, и во екот на жешката дебата – и јавна, и на социјалните мрежи во Австралија, се појавуваат сé повеќе иницијативи за формирање на специјални „андерграунд“ градинки за невакцинирани деца. На пример, извесна Хајди Стрит ги прашува 5-те илјади членови на една приватна анти-вакцини Фејсбук група, дали се заинтересирани за домашна градинка во нејзиниот дом, двапати неделно, за до 4 деца.

Тоа е можеби најнегативниот ефект од евентуалната забрана. Иако злобниците ќе речат дека тоа би било супер експеримент кој има потенцијал еднаш засекогаш да покаже кој е во право, реалноста е дека тоа е голем чекор назад на полето на контрола на болестите, особено што може да охрабри сé повеќе родители да не ги вакцинираат своите деца и да ги праќаат во градинки за невакцинирани. Со тоа би се оштетил колективниот имунитет („на стадото“), и без висока стапка на вакцинација, ризикот од епидемии на заразни болести ќе порасне.

Нема докази дека забраната би била најдобрата опција

Тие со ладни глави сметаат дека „No Jab, No Play“ не е подобра варијанта од привременото исклучување на невакцинираните деца од градинките за време на епидемија, што е и моменталната пракса.

ИМА ПОДОБРИ РЕШЕНИЈА

Притоа, има и подобри начини, а такви примери има од цел свет. Канада, на пример, има висока стапка на вакцинација, и тоа без принуда или било каква легислатива.

И на Австралија ѝ одеше добро, дури и пред воведувањето на „Нема боцкање, нема плаќање“ полисата – беше една од водечките земји во светот.

Подобар пристап би било да се види каде точно има неприфатлива стапка на појава на болести кои се превентибилни преку вацинирање. На пример, во Австралија сé уште се случуваат епидемии на Хепатитис А меѓу децата, но за разлика од САД, таа вакцина не е вклучена во нивната Национална имунизациска програма.

Друг добар чекор би бил да се таргетираат сите групи. Високата стапка на вакцинација може да ги заштити тие што не се вакцинирани: на пример, многу епидемии кои можат да се спречат се јавуваат меѓу средношколците и младите возрасни. Со вакцинирање на постарите, ќе се намали шансата тие заразни болести да се шират кај другите ранливи категории, меѓу кои и децата.

За заштита на бебињата и децата што се премногу мали да бидат вакцинирани, добар пристап би бил да се вакцинираат бремените жени и најблиските членови од семејството.

За да се подобри генералната стапка на вакцинација, подобро е фокусот да се насочи кон родителите кои се двоумат, отколку кон тие што отворено се противат на вакцинација. Кај првите ќе вроди со многу поголем резултат.

Исто така, административните бариери се секогаш добар чекор. На пример, да мораш да пополниш куп формулари за да се регистрираш како противник на вакцините (со што вакцинирањето на твоето дете престанува да биде задолжително, според моменталните легислативи во Австралија). Луѓето едноставно имаат тенденција да избегнуваат формулари, макар некогаш се работело дури и за нивното дете. Дополнително, со ваквиот пристап би се исфилтрирале „вистинските противници“ од тие што се двоумат околу вакцините.

На долгорочен план, за да се осигура доверба и прифатеност на вакцинациските програми, најдобро е тоа да се постави на солидни основи. Ниедна вакцина не е 100% безбедна и 100% ефективна, а и сериозните споредни ефекти од вакцините се реалност – како кај првата ротавирус вакцина во САД. Принудна легислатива само би ја поткопала јавноста во такви случаи (на избивање на епидемија и покрај вакцинацијата), особено во земји каде не постои систем за компензација при негативни ефекти од вакцини (а.к.а. вакцината „не сноси одговорност“), меѓу кои е и Австралија.

И се разбира, најдобриот пристап е трпение и едукација на населението, наместо стигматизација и избегнување на дебата со „анти-ваксерите“. Сето друго води кон „култура на насилник“ и раздор во општеството.

- Реклама -