Тренирав за подмладокот на Реал Мадрид и беше ужасно

Пишува Игнасио Мартин, за Вајс

Секое сабајле во осум, соиграчите и јас ќе влетавме во купатилото наоружани со гел и пегла за коса. Помладите момци ќе се бореа со постарите за место пред огледалото. Не дека не ни значеше клупската хиерархија, ама дотерувањето ни значеше повеќе.

Никогаш нема да го заборавам мирисот кој ме преплавуваше секогаш кога ќе влезев во соблекувалната на „Фабрика“ (фудбалската школа на Реал Мадрид): спржена коса и утринско срање, а во позадина регетон што татни од нечие радио. Како деца, се трудевме да ги имитираме своите метросексуални идоли во надеж дека тоа ќе нé приближи до нивниот успех. Некои од нас веќе заработуваа повеќе од своите родители, а на сите нас целта ни беше речиси недостижна. Да се учествува во програмата за развој на млади фудбалери на Реал беше чест, се разбира, но исто така и едно од најтешките искуства низ кои сум поминал во животот.

trenirao-sam-fudbal-za-podmladak-real-madrida-i-bilo-je-uzasno-body-image-1474725229[1]
Игнасио Мартин на 15-годишна возраст, за време на академијата.

Претходно живеев со родителите на Тенерифе и играв за локалниот клуб, U. D. Orotava. Еден ден, еден скаут ме повика на турнир за клинци во организација на Милан, кој имаше подружница во Авила во Шпанија. Го одиграв турнирот за нив, а тука ме забележаа и луѓето од Реал. Не многу подоцна, седеа на маса со мене и моите родители да ми понудат договор. Сé во текот на сезоната 2008-09 ќе ми биде платено: летовите од Тенерифе до Мадрид, селидбата, школските такси, сместувањето, плус месечен џепарлак од 200 евра. Потпишав. Како петнаесетгодишно дете, требаше да станам член на една од најдобрите фудбалски академии во Шпанија и на светот. Иднината не можеше да изгледа посветла.

Живеев на академијата, далеку од родителите, додека некои живееја во центарот на Мадрид со семејството. Клубот до толку сакаше да потпише со поедини играчи, што беа спремни да ги покријат трошоците за селење не само за нив, туку и за нивните родители. Истите тие клинци веќе беа забележани и од сериозните производители на спортска опрема и со нив потпишаа спонзорски договори. Моите другари и јас љубоморно гледавме како тие ги листаат каталозите на своите спонзори и бираат облека и патики. Се сеќавам како еден од постарите момци ни раскажуваше за еден играч кој го возел своето прво Ауди уште пред да има дозвола.

Секој ден на академијата се одвиваше по ист распоред. Се будевме околу осум, доручкувавме заедно – сендвичи, сок, некое тесто и овошје. Час подоцна бевме во школата; часовите траеја до пет попладне, со пауза за ручек во два. После шоколо се враќавме во собите на ужина, кекс и милкшејк нé чекаа на креветите. Потоа со автобус заминувавме на тренинг кој траеше до десет навечер.

Денес ми се чини дека не нé хранеа доволно, имајќи ги во предвид физичките напори – никој не пазеше што и колку јадеме. Во текот на 45-те минути колку што траеше возењето до теренот, се молев да стигнам пред тренингот да купам и да изедам нешто од автоматот. И кога имавме време за јадење, нé чекаше дилема: да се најадеме и да ризикуваме повраќање среде тренинг, или да останеме гладни и да ризикуваме малаксаност среде тренингот? Со храна нé снабдуваа од блискиот ресторан. Многу пати во собата за спиење заедно чекавме да стигне испораката на пецива со чоколаден прелив или месото на скара; знаевме дека не е здраво, ама имавме само петнаесет години.

Освен што бевме гладни за време или после тренингот, недостатокот од надзор влијаеше негативно на нашиот учинок на теренот. Колку полошо се храни играчот, толку е повеќе склон на повреди, а и опоравувањето од секоја повреда трае подолго заради нарушениот имун систем. На академијата ми лечеа повреда на мускулите, запаление на тетивите, исчашен зглоб, вода во колено; една сезона дури пет пати паузирав заради повреда. Дијагнозите секогаш се покажуваа како точни, ама ми делува дека приоритет им беше што побрзо да нé вратат на теренот – ги лечеа последиците, причините не ги интересираа.

trenirao-sam-fudbal-za-podmladak-real-madrida-i-bilo-je-uzasno-body-image-1474725412[1]
Во дресот на Реал Мадрид. Мартин е тој со црвените копачки.

Тренингот беше исклучително тежок; секој неточен пас, прерано втрчување или лошо одработена вежба, гарантираа јавна тирада од тренерот. La Fabrica нé учеше да се натпреваруваме не само против другите тимови, туку и против сопствените соиграчи.

Секоја спавална имаше 15 соби со по три кревета. Егото, тестостеронот и потиснатата сексуалност придонесуваа атмосферата да биде лесно запалива. Децата знаат да бидат сурови, и знаат точно како да се повредат едни со други. Подобро да не зборувам што се случи кога откривме дека еден од нашите соиграчи се измочал во креветот, но лесно можете да замислите.

Двајца другари од соседната соба редовно ја заклучуваа вратата и се тепаа меѓусебно. Некогаш ќе не викнеа нас останатите како публика или судии да ги раздвоиме ако претераат па падне крв. Тоа се случи неколку пати за време на мојот престој во академијата, но нималку не им попречи на нивното пријателство.

Прочитајте и:  Винисиус се повреди, ќе го пропушти мечот со Ливерпул во Лигата на шампионите

Јас се обидов да се изборам против притисокот преку мотивациони песни – пеев за своја душа додека се возевме на тренинг. Исто така сам себе си говорев дека имам челична волја – дека го правам токму тоа што навистина го сакам.

Брат ми ме праша зошто толку долго сум останал на академијата ако ми било толку тешко. За волја на вистината, кога го напуштив Тенерифе и се преселив во Мадрид, цел остров ме поддржуваше и ми завидуваше. Не сакав да го разочарам семејството, посебно татко ми, и да им признаам дека ужасно лошо се чувствував во Фабриката.

Како дете не бев воспитан да ги прифаќам и изнесувам своите чувства. Имав голема прилика на академијата, ми делуваше дека секоја поплака би била неблагодарна.

Од денешна перспектива, најмногу ми пречи слабото образование кое ни беше пружено. По школо одевме директно на тренинг од кој се враќавме околу десет. Само меѓу вечерата и спиењето имавме време да учиме, а тоа е тешко после неколку часа физички напор, посебно кога имаш 15 години и никој не те надгледува. Следното утро веќе беше нов школски ден, а во сабота и недела се играа натпревари.

Минатиот мај, додека го гледав полуфиналето на Лига на шампиони (Реал Мадрид – Манчестер Сити), забележав дека натпреварот го почнува еден од моите соиграчи од академијата. Гестикулацијата и изразите на лицето не му се промениле многу од тие денови. Ми беше драго што еден така талентиран момак успеа во животот, но на теренот не се гледа дека двапати по ред повторуваше година.

Колку клинците од мојот клас подобро играа, толку помалку ги притискаа да учат. Нив тоа им се допаѓаше бидејќи уживаа во тоа што го прават, и очекуваа дека тоа ќе го прават до крајот на животот. Истото важи за мојот бивш соиграч – и сега се сеќавам како на час седи во последна клупа и на ништо не обраќа внимание. Го зезавме зашто му растеше брада – немавме појма дека беше две години постар од нас.

Неколку години подоцна, додека студирав во Америка, забележав колку поинаку им се пристапува на студентите со спортска стипендија: ако оцените ни се лоши, нема да играме додека не ги поправиме. Таквиот пристап равива поинакви работни навики кај младите спортисти – по мое мислење, подобри навики.

Од мојот клас Фабрика произведе неколку успешни играчи: Лукас Васкез, Алваро Мората, Денис Черишев, Дани Карвахал, Хесе Родригез, Диего Љоренте, Енрике Кастањо. Многу други исто така живеат од фудбалот – можеби не блескаат во La Liga и странските првенства, но сепак играат професионално за клубови од втор или трет ранг на натпреварување. Се наметнува прашањето, ако децата од фудбалските школи релативно ретко израснуваат во врвни фудбалери, дали е прифатливо да им се толерира ништо да не учат? Оние пар момци кои ќе остварат успех се користат како оправдување за актуелниот пристап, а што со сите оние кои нема да  остварат?

Се разбира, јас за тоа можам само да зборувам од свој агол. На крајот на сезоната, ми рекоа дека не сум доволно добар. Почувствував олеснување. Два дена подоцна, спакував сé што имав во колата на стрико ми и ја напуштив престолнината.

Дома топло ме дочекаа – притисокот (да издржам) кој го чувствував беше неоправдан. Кога ме прашаа дали и понатаму навивам за Мадрид, одговорив потврдно. Но како што продолжив да играм дома, сфатив дека после академијата значително поразлично гледам на фудбалот. Сфатив дека онаа правата игра која толку ја сакам се игра само на улиците, во друштво на пријателите.

За среќа, преку програмата за млади во Реал успеав да добијам фудбалска стипендија на американскиот универзитет Делавер. Тука дипломирав, магистрирав во Холандија, а наскоро треба да запишам докторат од областа на правото на UCL.

trenirao-sam-fudbal-za-podmladak-real-madrida-i-bilo-je-uzasno-body-image-1474725372[1]
Мартин во дресот на „Сините кокошки“ од Делавер

Во животот не сум поминал низ нешто потешко од тренирањето фудбал во подмладокот на Реал Мадрид. Можеби е така затоа што таму научив некои важни лекции, па подоцна во животот полесно се носев со предизвиците. Прашањето кое и покрај тоа се поставува гласи: дали тоа се навистина лекциите што едно момче од 15 години треба да ги учи? Дали баш во пубертетот човек треба да се соочи со сознанието дека тој е само производ на пазарот каде секој го гледа само сопствениот интерес?

- Реклама -