Дали знаете кои чаеви се најдобри сојузници за постигнување витка линија?
Билните чаеви се користат уште од памтивек за лекување, чистење и подобрување на функционирањето на организмот. Сепак, билните чаеви по правило се и одлични придружници во борбата против вишокот килограми и токсините предизвикани од прекумерното уживање во разни деликатеси. Општо земено, чаевите се вреден извор на полифеноли, витамини, минерали, амино киселини и повеќе од 400 други корисни состојки, од кои многу го стимулираат метаболизмот.
Помеѓу стотиците видови чаеви, издвојуваме три чаеви чие лесно пиење може да ви помогне да ги надминете несаканите килограми.
Зелен чај
Зелениот чај е суперхерој во борбата против вишокот килограми и чистење на организмот. Зелениот чај содржи големи количества фармаколошки активни состојки на полифеноли – катехини, кои го поттикнуваат губењето на телесната маса, но и благотворно делуваат на целокупното здравје. Најважниот катехин во зелениот чај се нарекува (-)-епигалокатехин-3-галат (EGCG) и токму тој е одговорен за помалиот струк на конзументите на овој одличен пијалок. Имено, EGCG ја зголемува потрошувачката на енергија потребна за варење, апсорпција и метаболизам на храната. Исто така, EGCG ја стимулира оксидацијата на мастите, што резултира со намалување на резервите на масното ткиво. Дополнително, дури и со исхрана богата со масти, долгорочното внесување на EGCG го намалува акумулацијата на масното ткиво, а со тоа и појавата на прекумерна телесна маса.
Покрај докажаниот ефект врз линијата, зелениот чај е ефикасен и за чистење на телото, бидејќи се има покажано дека го зголемува производството на клучните ензими за детоксикација и на тој начин го промовира излачувањето на штетните материи од телото. За најдобри резултати, се препорачува да се пие зелен чај 2 до 3 пати на ден и најдобро е да се пие незасладено.
Чај од коприва
Во народната медицина, копривата има долга традиција во елиминирање на бројни тегоби. Во денешно време најмногу се користи како диуретик за воспаленија на уринарниот тракт и камења во бубрезите и како помошно средство за лекување на ревматски заболувања.
Листовите од коприва содржат многу хлорофил, органски киселини и 10 отсто минерални соли со многу калциум, калиум, фосфор и железо. Во литературата често се вели дека копривата е средство за прочистување на крвта, бидејќи делува на начин што го поттикнува метаболизмот, а со тоа и отстранувањето на штетните материи, што оди рака под рака со процесот на слабеење. Нема докажани штетни ефекти, а единствените евидентирани несакани ефекти се мали гастроинтестинални тегоби. Исто така, треба да се забележи дека не се препорачува за луѓе кои земаат средства за разредување на крвта, бидејќи може да има интеракција со нив.
Чај од хибискус
Хибискусот е едно од најубавите цвеќиња на тропските земји. Со својата препознатлива црвена боја и кисела арома има корисни својства кои се ценети со векови. Еден од нив е помошта за регулирање на телесната маса. Имено, хибискусот е вреден извор на витамин Ц и флавоноиди кои помагаат во детоксикација на телото. Хибискусот е и диуретик и го намалува чувството на надуеност. Чајот од хибискус е богат и со супстанции кои ги инхибираат ензимите чија улога е апсорпција на масти и јаглехидрати. Познато е дека го инхибира производството на амилаза – ензим кој го разградува скробот и другите сложени јаглехидрати. Содржи и фазоламин, кој го инхибира метаболизмот на мастите. Резултатот е намалена апсорпција на шеќер и масти, што придонесува за витка линија. За да ги обезбедите позитивните ефекти на чајот од хибискус, уживајте во неговата интензивна арома 1 до 2 пати на ден.
Чајот е само еден од многуте чекори во слабеењето. Пиењето чаеви за „топење маснотии“ секако може да помогне во постигнување и одржување на витка линија, но не може да напправи чуда. Ако не ги промените лошите животни навики, нема да постигнете многу само со пиење чај. Затоа, најдобро е да внимавате на исхраната и да вежбате додека пиете чај, бидејќи само така ќе ги постигнете посакуваните резултати.