Се раскажува дека постоеле сезони во кои никој не успеал да му ја одземе топката. Неговиот специјалитет бил да му ја протне топката низ нозете на противникот, да почека тој да се сврти и повторно да го понижи. Го опишуваат како висок левак со мирен чекор, префинета техника и уникатно чувство за игра.
Приказните за него звучат како современи легенди. Во една прилика, кога теренот бил целосно натопен, тој цел натпревар го одиграл без да ја исфрли топката на тревата – играл со гради, рамо, колено и бескрајни ситни допири. Другпат пак, заборавил документи потребни за настап, а противничките играчи го убедувале судијата да му дозволи да игра, затоа што не сакале да пропуштат можност да го видат мајсторот.
Некои го опишуваат како мешавина од Рикелме, Редондо и Бочини. За други, тој е феномен што никогаш повеќе нема да се повтори. Томас Фелипе Карлович, познат како „Ел Тринче“, е пред сè производ на усното предание, на семејствата и на мемориите што се прераскажуваат од генерација на генерација.
Роден во Росарио 1946 година, син на југословенски иселеник, Карлович бил најмладиот од седум браќа. Фудбалот го учел на улица, играјќи на земјените терени со децата од соседството, создавајќи ја својата магија – бавна, смирена и сосема различна од она што се гледа на професионалните терени.
Поголемиот дел од кариерата го помина во скромниот Сентрал Кордоба, третиот клуб во Росарио по Росарио Сентрал и Њуелс Олд Бојс. Не сакаше тренинзи и често исчезнуваше за да оди на риболов. Пред натпреварите, морале да го будат од попладневната дремка, а се пресоблекувал сам, далеко од соблекувалната, за да ужива во мирот. Живееше ноќе, пиел и не покажувал никаков интерес да стане типичен професионален фудбалер.
„Дали денес игра Карлович?“ станало кодено прашање во Росарио. Често не играше – некогаш поради риболов, некогаш едноставно затоа што не му се играше.
Сепак, неговиот талент стигнал до најголемите имиња на аргентинскиот фудбал. Сезар Луис Меноти, селекторот кој подоцна ќе ја одведе Аргентина до светската титула во 1978, го повикал на подготовки на националниот тим. Но, Карлович не се појавил.
Хорхе Валдано го нарекува „легенда“, а Меноти „мит“. Марсело Бјелса бил член на Сентрал Кордоба четири години само за да може редовно да го гледа. Хозе Пекерман, човекот што работел со Меси, Рикелме, Савиола, Аимар и Фалкао, го вклучува во најдобриот тим што некогаш го видел.
Најголемата легенда за Тринче е поврзана со пријателски натпревар во 1974 година. Аргентина се подготвувала за Светското првенство и одиграла контролен меч против селекција составена од најдобрите играчи од Росарио. Карлович доминирал во средината на теренот, а според сведоците, аргентинските репрезентативци биле буквално надминати. На полувремето резултатот бил 3:0 за росарио селекцијата и Тринче бил најдобриот играч. Толку доминирал што челниците на аргентинската федерација побарале да биде заменет, за да не ја понижи дополнително репрезентацијата пред Светското првенство.
Тој ден во Аргентина станал симбол на фудбалската уметност.
„Да беше вистински професионалец, ќе имаше огромна кариера“, изјавил подоцна Марио Кемпес, негов соиграч на тој натпревар.
По мечот се спомнувало за трансфер во Франција, дури и за Њујорк Космос. Но, ништо не се реализирало.
„Сè би направил исто. Навистина уживав во животот“, изјавил Карлович.
Последните години од животот ги помина тивко, движејќи се низ улиците на Росарио со велосипед. Во 2020 година, за време на пандемијата, бил нападнат од крадци кои сакале да му го одземат велосипедот. Обидувајќи се да се спротивстави, добил неколку силни удари во главата и завршил во болница, а неколку дена подоцна починал.
Само неколку месеци пред трагичниот настан, во едно од последните јавни појавувања, се сретнал со Диего Армандо Марадона. Ел Пибе му подарил дрес со кратка, но незаборавна посвета:
„Од Диего за Тринче, кој беше подобар од мене.“




