Царовска: Какви патриоти се ВМРО-ДПМНЕ ако единствени зборови што ги знаат се „бојкот“ и „протест“?

Додека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да тера политика на некаков национализам, може ли да биде патриот? – праша потпретседателката на СДСМ и актуелна министерка за образование – Мила Царовска, на граѓанската трибина „Најдоброто за нашата општина“ на СДСМ во Кочани.

„Патриоти сме ние кои посакуваме добро здравство и образование, а тие единствено ги знаат зборовите ‘протест’ и ‘бојкот’. И затоа не можеме да очекуваме да имаат визија и да проектираат иднина за младината, затоа она што денеска го правиме во образованието изгледа мачно и тешко, но го правиме транспарентно, демократски, затоа што сакаме нашите ученици, нашите деца, да станат конкурентни на светските пазари. Не да излезат од државата, туку нашата економија да ја придвижат кон подобро, за сите да имаме и повисоки плати, и подобар животен стандард, и повисоки пензии“, истакна Царовска.

Според неа, опозицијата многу често се обидува да презентира лаги, од кои дел се логични, а некои се „помалку логични“, а тоа може да доведе до манипулација на граѓаните.

„Нашата цел и задача е да застанеме на страната на вистината, да не дозволиме лагите да ги избркаат нашите деца надвор и да спречат да учат квалитетно во нашиот образовен систем. Сите образовни инвестиции во оваа општина денеска изгледаат подобро за да бидат атрактивни за младите. Стручните училишта се добри затоа што нудат подобар развој и подобри плати од оние во администрацијата, младите треба да имаат амбиција за да целат кон менаџерски или инженерски позиции во компаниите, само така може да се оди напред. Затоа стручните училишта сега се поатрактивни, благодарениена СДСМ имаме и дуални паралелки за да се вработат во компанија и да ја гледаат својата иднина дома“, рече потпретседателката на СДСМ.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: Каранфилова Пановска е уште една продолжена рака на Заев во СДСМ

Таа додаде дека не може некој кој блокира закони – како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ: за нов Клинички, за подобрување на условите за наставниците, за закон за повисоки плати – да биде на страна на граѓаните.

„Ние сме тие што се на страна на граѓаните. СДСМ се бори за подобри општини, за подобра иднина, за подобра држава дома. Само тоа ни останува“, констатира Царовска.

- Реклама -