ЦДУ/ЦСУ: Патот останува отворен, негативната одлука С. Македонија и Албанија да ја сфатат како поттик

Северна Македонија и Албанија да не се разочаруваат и да го продолжат патот кон Европската унија со уште посилно темпо, порачуваат од германската владејачка коалиција ЦДУ/ЦСУ.

Негативната одлука на Европскиот совет – да не ги започне пристапните преговори, двете земји да ја сфатат како дополнителен поттик за да продолжат со своите реформски напори, порачува заменик-претседателот на парламентарната група – Јохан Вадефул. Во спротивно, позициите на скептиците ќе зајакнат, а доколку Албанија и Северна Македонија останат на курсот, Франција нема да може повторно да го блокира почетокот на преговорите, порачува тој и додава дека Бундестагот ќе се залага за спроведување на реформската агенда сѐ до добивање на конечната одлука и реализирање на европската перспектива за Западниот Балкан.

Негативната одлука на Европскиот совет мора во најскоро време да биде ревидирана и врската на Северна Македонија и Албанија со Европската унија не смее да биде блокирана, истакнува, од друга страна, парламентарниот известувач Кристијан Шмит.

„Ние остануваме убедени дека во Европската унија има место за сите земји од Западен Балкан, доколку ги исполнуваат критериумите. Тоа подразбира и започнување на пристапните преговори“, вели Шмит, додавајќи дека земјите од Западен Балкан имаат право да се гледаат себеси како идни членки и да започнат преговори, согласно нивните постигнувања (како промена на името на државата и сеопфатни реформи во судството), но и треба да продолжат да работат заедно на останатите полиња каде е потребен напредок. Условената одлука на Бундестагот во септември, со која беа поставени јасни услови за отворање на пристапните преговори, заедно со загриженоста што ја изразија Холандија и Данска, треба на двете земји да им го покаже патот до позитивна одлука.

„Ако ЕУ не се погрижи за Западниот Балкан, други сили ќе создадат своја сфера на влијание. А никој не го посакува тоа“, заклучува Шмит во соопштението.

- Реклама -