Центарци, на овие броеви пријавете расфрлен отров и напуштени миленици

Општина Центар е меѓу првите кои излегуваат со конкретни акции околу напуштените миленици, како и расфрлениот отров на повеќе локации.

По вчерашното алармирање од повеќе граѓани дека има расфрлено мамци со отров во повеќе делови од Скопје, градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, најпрво преку својот фејбук-профил повика да се пријавуваат напуштени миленици и отров.

Денес веќе центарци добија и телефонски броеви од одговорни лица за овој проблем, па така, секој што ќе забележи храна за којашто се сомнева дека е со отров или пак миленик кој е напуштен од сопствениците, може да се јави на следните броеви: 070 424685 Емилија Поповска и 075 437068 Јулија Малахова.

Како што информира Богдановиќ, веќе е разговарано со ПС Центар и договорено е да се засилат контролите во оваа општина, за да се спречи труење на животни.

Прочитајте и:  Герасимовски: Вандализмот да се казнува преку општествено корисна работа

Во меѓувреме, важи препораката милениците да се шетаат со подводник, со маска на лицето и да се внимава што намирисуваат на земјата. Доколку има сомнеж дека се работи за затруена храна-мамец, тогаш треба да се отстрани со гумени ракавици или пластична кеса, а лицето кое го отстранува парчето треба да пристапи отстрана, а не директно одозгора, за да се избегне вдишување на испарувањата.

За жал, ниту вчерашниот дожд не беше доволен да ги измие трагите од отровот којшто беше расфрлан на повеќе локации.

- Реклама -