Во Босна и Херцеговина, Грузија и Македонија се забележува напредок кон членство во НАТО, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
“Босна и Херцеговина, Грузија и Македонија исто така покажаа напредок кон членството во НАТО”, рече Столтенберг пред новинарите по одлуката на Советот на НАТО да започне преговори со Црна Гора за влез во Алијансата.
Според зборовите на генералниот секретар, одлуката потврдува дека “вратите на НАТО остануваат отворени” за нови членови.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски денеска и ја честиташе поканата на Црна Гора и изрази уверување дека и поканата за Македонија ќе дојде наскоро, со тоа што интензивно се работи на таа цел.
Тој вели дека Македонија ги исполни условите за да добие покана за полноправно членство во Алијансата уште во 2008 година на Самитот во Букурешт, но поканата доцни поради спорот со Грција.