Турција се повлекува од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа

Турција денеска се повлече од Договорот за конвенционални вооружени сили во Европа.

-Донесена е одлука за суспендирање на имплементацијата на Договорот меѓу Република Турција и другите држави потписнички од 8 април 2024 година, согласно член 3 од Претседателскиот указ бр. 9, се наведува во Службениот весник на земјата, јавуваат турските медиуми.

Договорот беше потпишан на 19 ноември 1990 година во Париз од 22 земји. Договорот беше склучен во текот на последните години од Студената војна, со цел да се намали постојното конвенционално офанзивно оружје што го поседуваат земјите-членки на НАТО и поранешните земји од Варшавскиот пакт, како и можноста за ненадеен вооружен напад и започнување на големи офанзивни операции во Европа.

Прочитајте и:  „Вкусот на Турција“ во Скопје

Полскиот претседател Анджеј Дуда минатата недела го потпиша Законот за суспензија на Договорот за конвенционалните вооружени сили во Европа.

-Суспендирањето на овој акт ќе значи дека Република Полска, како и другите земји кои ќе одлучат да го сторат тоа, иако формално остануваат потписнички на овој договор, нема да бидат обврзани да ги спроведуваат неговите одредби, се наведува во соопштението на Кабинетот на Дуда.

Во ноември минатата година, Русија официјално се повлече од големиот договор за контрола на оружјето од времето на Студената војна со воениот блок на НАТО, велејќи дека „застарениот договор е мртов со години и целосно го изгубил контактот со реалноста во современиот свет“.

- Реклама -