Грчките власти уапсиле 37-годишен маж на островот Крит, осомничен за поврзаност со терористички активности. Оваа акција уследила по истрага која открила можни врски со лица приведени на Кипар, што планирале напади на цели поврзани со Израел.
Според информациите од истражителите, осомничениот, кој потекнува од Појасот Газа и легално работел во Грција како сезонски работник во хотелскиот сектор, бил уапсен во градот Агиос Николаос, сместен на североистокот на Крит. Во првото сведочење тој изјавил дека е член на Хамас и дека имал контакт со осомничените во притвор на Кипар. Наводно, призна дека допрва ќе изработи експлозивна направа, но преку интернет нарачал материјали кои можеле да се искористат за таа намена.
При претресот на неговиот стан во атинската населба Патисија, полицијата пронашла прецизна вага и стаклен сад за мерење, кои биле купени неодамна и сè уште во оригиналното пакување. Грчките власти соопштија дека анализата на мобилните телефони и лаптопи открила врски со лицата уапсени на Кипар. Тој бил под контрола на безбедносните служби и пред неговото апсење.
Иструга открила дека осомничениот претходно патувал во Малезија, каде што наводно учел за изработка на експлозивни направи. Живее со сопругата и трите деца во Појасот Газа. Истражителите истакнуваат дека за време на работата во хотелот не покажувал сомнително однесување и во моментот на апсењето немал непосредна можност да изврши напад. Сепак, безбедносните служби процениле дека во блиска иднина постои ризик да се обиде да реализира напад на Крит или на друга локација во Грција.
Во меѓувреме, кипарските власти соопштија дека осомничените во притвор на Кипар, наводно, подготвувале напади на интереси поврзани со Израел, како во Кипар, така и во други држави на Европската Унија.




