Укината повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија, се замрзнува цената на лебот на 33 денари

Се укинува повластената струја за компаниите од прехранбената индустрија од 1 април и се замрзнува цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари до крајот на мај годинава, одлучи денеска Владата.

Премиерот Димитар Ковачевски, на прес-конференција со министерот за економија Крешник Бектеши, истакна дека поминало доволно време од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки, а дел од прехранбените компании не ги намалија соодветно цените на своите производи. Тоа, напомена, го утврдиле инспекциските контроли.

Владините мерки за поддршка, како што рече Ковачевски, не се донесоа за едни да бидат повластени на сметка на други, за некој да се богати, за поединци да имаат бенефит и за да се удри по џебот на граѓаните, туку со единствена цел – да се намалат цените на основните производи и да им се помогне на граѓаните.

„Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Помина доволен период од донесувањето на последниот пакет антикризни мерки за цените да се усогласат зашто помошта од државата беше навремена и реална. Иако прехранбените компании добиваа субвенционирана струја, цените на своите производи не ги намалија или ги намалија незначително. Ова се однесува на дел од производителите на основни прехранбени производи. Дел ги намалија цените од седум до 12 проценти. Затоа, на денешната владина седница ја укинавме мерката за повластена струја. Производителите на прехранбени производи ќе се снабдуваат со електрична енергија согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со електрична енергија. Ја замрзнуваме и цената на белиот и полубелиот леб, сечен и на парчиња или цел, на 33 денари, односно цена од 33 денари по леб со тежина од 450 грама и повеќе, а за леб под 450 грама се утврдува цена до 33 денари соодветно на тежината на лебот“, истакна Ковачевски.

Со одлуката на Владата, како што појасни Бектеши, се определуваат највисоки цени во трговијата на мало на леб, бел и полубел, сечен на парчиња или цел. Оваа одлука ќе важи до 31 мај 2023 година.

Образложувајќи ја одлуката, министерот ги посочи цените на горивата, природниот гас струјата…

„Ако во октомври и во ноември цената на горивата како импут во делот на производството, на пример Еуродизел беше 99.55 и во ноември просечно беше 93 денари, денеска или пак во текот на јануари заклучно со денешен ден просечна цена е 77.88 денари и има најави дека дополнително ќе се намали денеска со одлука на РКЕ. На природниот гас кој одредени големи производители го користат како енергенс за производство на леб, посебно за градот Скопје, во октомври просечната цена беше 134.9 евра по мегават час, во ноември 116.82 евра по мегават час, во јануари 56.57 евра по мегават час и февруари 51.01 евра по мегават час. Сега сите можеме да ги направиме проценките процентуално колку се намалени цените во делот на енергенсите“, рече Бектеши.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Во делот на цената на електрична енергија, потсети, просечната цена според ХУПЕКС за октомври изнесуваше 193.94 евра, за ноември 222.74 евра, декември 261.15 евра, а сите производители добија цена повластена од 80 евра. Во јануари 148.69 евра, а сите производители добија цена од 80 евра по мегават час. И во февруари 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра по мегават час.

Цената на брашното во октомври и ноември лани, посочи, изнесуваше 35 денари по килограм, а минатиот и во тек на месецов е 28 денари килограм.

„Согласно извештајот од ДПИ во одредени градови во нашата држава има цени и пониски од 32 денари. Цените на белиот леб и полубелиот леб во Северна Македонија се движат од 28 денари до над 42 до 45 денари во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден леб, зборуваме само за два вида на леб од големата лепеза што ја имаат производителите, значи ние мислиме дека не е во ред и секако дека треба тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и на потрошувачите“, наведе Бектеши.

Тој најави дека одлуката за укинување на субвенционираната цена на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор се очекува утре да биде објавена во Службен весник.

Согласно мрежните правила и договорот што го има ЕСМ продажба со сите производители ќе ги информира дека ќе треба да најдат друг снабдувач со електрична енергија.

МИА

- Реклама -